Епилог на една тригодишната судска хајка

Тоа што им проштевам е едно, а друго е што сметам дека на ниеден од нив не им е местото во Јавно обвинителство и ветувам дека ќе ги употребам сите законски средства за нивна дислокација. Почнувајќи од денеска.

На 19-ти септември пред три години веќе неколку месеци бев адвокат. Претпладнето, само што испратив некои клиенти и останав сам во мојата канцеларија ми заѕвони телефонот:

„Јас сум новинарка во неделникот Фокус и ме интересира дали е точно дека Јавното обвинителство Ви поднело обвинение?“

Учтиво ја упатив за тоа да праша на вистинска адреса, кај Љубомир Јовески, бидејќи во повеќе наврати преку неговите орки ми имаше упатено такви закани (едната од тие кои се снимени, дури е објавена на Јутјуб), крајно тие се оние кои обвинуваат во случајов.

Кога проверив во судската писарница добив одговор дека такво обвинение не е поднесено против мене до тој момент, а од судот ми јавија после цели три часа кога навистина го примија обвинението.

Штета што не го запомнив името на новинарката бидејќи верувам дека истата е видовита, а како таква и без да го прочита ова самата ќе се јави! Не сакам да верувам дека некој од ЈО предвреме ја брифирал!

Истиот ден бев осуден, ама не од судот туку од непристрасните медиуми кои до детаљ ја цитираа содржината на обвинението.

Јас знам од каков материјал сум правен, па многу не ме допираше оркестрираната хајка, ама пред очи ги имав повозрасните членови на моето семејство и мислата како ќе реагираат кога вечерта ќе чујат по телевизиите. Децата, Слава на Бога, тогаш ми беа на возраст што нема од каде да допрат тие вести до нив.

Елем! Минатата недела добив пресуда со која е потврдена ослободителната пресуда на Основниот суд.

Правосилно е ставена точка на тригодишната судска хајка нарачана од мојот противник на изборот за уставен судија, а спроведена од неговите измеќари. Најодговорно тврдам дека обвинителот кој го застапуваше обвинението, од почетокот па до крајот не разбра за што ме товари. Не разбраа ни од Вишото обвинителство во Битола кои на два пати застанаа зад неговите жалби!

Ама немам лутина за никого и на сите им проштевам. Им проштевам што дури кога го видоа ќорсокакот во кој одат со постапката, не се повлекоа, па дури ми пуштаа поздрави да признам вина и да добијам условна осуда!

Тоа што им проштевам е едно, а друго е што сметам дека на ниеден од нив не им е местото во Јавно обвинителство и ветувам дека ќе ги употребам сите законски средства за нивна дислокација почнувајќи од денеска.

Војо Димоски

п.с. Ја нема видовитата новинарка да извести за епилогот на судската постапка, а ги нема Бога ми и другите кои ревносно цитираа извадоци од најнеписменото обвинение кое некогаш сум го прочитал.

16 октомври 2025 - 14:22