Можеби не сте слушнале за Кларк Олофсон, но затоа сигурно сте слушнале за „Стокхолмскиот синдром“ - состојба во која заложниците развиваат психолошка врска со оние коишто ги држат во заложништво. Таа никогаш не е прогласена за асли психијатриска дијагноза, но често се манифестира и при киднапирања, но и во емоционални врски во кои постои злоупотреба на моќта и психолошка манипулација од едната страна.
За нешто да се нарече Стокхолмски синдром треба да постојат неколку компоненти: развој на позитивни чувства кон киднаперот; одбивање на киднапираните да соработуваат со полицијата и другите власти; убеденост на киднапираниот во човечноста на оној кој држи во заложништво; и намалување на критичката способност да се расудува за него како за закана. Точно она што се случило кога во август 1973 Јан-Ерик Олсон се обидел да ја ограби Кредит банката на плоштадот Нормалмсторг во Стокхолм. Тогаш, по негово барање, полицијата го ангажирала веќе познатиот криминалец Кларк Олофсон да ги води преговорите и да ги ослободи четворицата заложници. Олсон, кој бил претходно осудуван за вооружени грабежи и насилство, барал да му биде исплатена голема сума на пари, па бил сметан за опасен „играч“ со кого, според полицијата и тогашниот премиер Палме, можел да се разбере само некој сличен на него.
Но Кларк наместо да го прави она за што бил испратен, се здружил со киднаперот, а богами и со заложниците. Една од киднапираните службенички му се јавила на Палме и го критикувала за неговото однесување во целата работа, барајќи да ги пушти киднаперите на слобода. Ова сепак не се случило - во банката бил пуштен гас, и по шест дена кризата завршила со апсења и враќање на Кларк онаму кадешто бил и претходно, во затвор.
Серијата во шест продолженија која во моментов оди на Нетфликс сепак не е само за овој настан. Него го сведочиме дури при крајот на третата епизода, но до неа Олофсон има направено толку бељи што е тешко да се добројат. Изгледа дека измамите, кражбите и емоционалните манипулации не се секогаш раководени од конкретен ќар, туку просто од задоволството на надмудрување на системот и самодокажување. Криминалната кариера за него е како и секоја друга, професионална биографија која постојано треба да се надоградува со нови постигнувања.
Серијата се движи со голема брзина и е прилично претенциозна, исто како и нејзиниот главен лик. Самата таа сака постојано да е интересна, „хај“ и откачена, па понекогаш на човека му се врти од сите тие брзи монтажи и анимации. Контрапункт на ова се црно-белите сцени во кои е прикажано малтретирањето на Кларк како мал од страна на родителите, нешто што е добро да се знае, но кое пак и не мора да се повторува баш во секоја епизода.
Првите се по „надреални“, во нив Олофсон го доживуваме речиси како стриповски лик, за потоа, кога почнува приказната за грабежот на банката, да стане малку поприземна, меѓу другото и поради тоа што тие епизоди содржат документарни снимки од реалните настани, во историскиот контекст на Шведска и Европа во тој момент. Помеѓу нив е и податокот за измислувањето на терминот „Стокхолмски синдром“ од страна на Нилс Бејерот, шведски криминолог и психијатар, откако ги анализирал реакциите на жртвите на грабежот. Всушност, тој го нарекол Синдром на Нормалмсторг, но можеби поради тешкиот изговор, денес го знаеме како Стокхолмски. Истиот може да се почувствува и гледајќи ја серијата - ликот на Кларк е доволно харизматичен и инфантилен за човек да посака да му прогледа низ прсти барем за нешто од стореното. По многу години поминати во затвор, од 2018 тој е на слобода, а денес има 75 години и живее во Белгија.
Илина, Букбокс