Април 1945. Германската војска почнува да се распаѓа и сè поизвесно е дека капитулацијата е блиску. Во првата сцена група војници брка дезертер од своите редови. Тој е избезумен, претепан, без оружје, но среќата го служи - успева да им избега на своите прогонувачи, а веднаш потоа да налета на автомобил заглавен во калта, во кој наоѓа куфер со капетанска униформа со одличја. Наскоро на патот се појавува и неговиот иден возач - војникот, најверојатно исто така дезертер, го добива прекарот „Фрајтаг“ (Петко, како во „Робинзон Крусо“) и му се става на располагање на „капетанот“ кој од минута во минута, и покрај предолгите пантолани, полека добива на самодоверба и влегува во улогата, а оние околу него како да се хипнотизирани од наредбите кои ги добиваат.
Наскоро нивната „чета“ добива нови членови, но завлегува и во поопасна игра. На патиштата, поради честите дезертерства, војничките кражби од локалните жители и силувањата има чести контроли. Откако на една од нив Херолд и’ тврди дека тој и неговите луѓе се на специјална мисија под директна команда на Фирерот, сите завршуваат во работен камп, натрупан со разни воени престапници за кои се чека судење. Одговорниот на кампот сака ова да ја намали „густината на населеност“ по брза постапка - со масовно стрелање - но му недостасува некој со повисок чин што тоа би го одобрил. Херолд можеби не е најуверлив на свет, но во случајот може да ја одигра потребната улога, и тоа и го прави. Во еден ден се стрелани повеќе од 90 затвореници, без никаква процедура, со куршум во чело. И покрај тоа што во кампот има офицери кои се сомневаат во ингеренциите на нивниот „колега“, нештата се редат така што никој не може да ја сопре лавината.
Иако црно-белиот филм на моменти делува како Стенфордски експеримент спроведен во екстремни воени околности, всушност станува збор за вистинска приказна. Вили Херолд, познат како „егзекуторот од Емсланд“ (името на логорот) во историјата е запишан како воен злосторник, кој како и во филмот, при крајот на Втората светска војна дезертирал од армијата, глумел капетан на Луфтвафе, и организирал масовни егзекуции на воените дезертери како него. Кампот бил напуштен откако сојузничките сили го бомбардирале, но тој и неговата група продолжиле да патуваат низ Европа, да сеат страв и да егзекутираат локални жители по свое наоѓање. Откако пристигнал во својот пристаништен град во Саксонија, одлучил да му се врати на својот претходен занает - чистач на оџаци. Уапсен е од британските сили поради украдена векна леб, но во текот на испрашувањето клопчето почнало да се одмотува, и тој на крај е суден за воени злосторства, по што на 14 ноември 1946 бил погубен на гилотина.