Во 1971 проф. Зимбардо одбрал 24 млади и здрави студенти кои доброволно се пријавиле да учествуваат во неговиот експеримент, и по случаен избор им доделил улога или на затворски чувари, или на затвореници. Подрумот на катедрата по психологија на Станфорд била претворена во лажен затвор, но со сета потребна сценографија - ќелии, самици, простории за чуварите и двор за прошетки. Камерите го забележувале сето она што се случувало, а снименото потоа било анализирано од Зимбардо и од неговите соработници. „Чуварите" можеле да си одат дома по завршувањето на смената, но „затворениците" не.
Правилата велеле дека првите не смееле да употребуваат физичка сила, но можеле психолошки да манипулираат со затворениците за да им ја скршат волјата. Сепак, како што течел експериментот, работите се комплицирале, за во еден момент да дојде и до реално насилство. Сето ова е прикажано во документарец кој ги содржи оригиналните снимки:
Она што се случило било делумно очекувано - студентите-чувари многу бргу влегле во своите улоги, но станале многу понасилни и потешки за контрола од предвиденото. Од друга страна, нивните колеги-затвореници почнале да пружаат активен отпор. Половина од вториве се откажале во текот на експериментот, за кој им било плаќано 15 долари дневно. Но сите чувари останале до крај. Иако Зимбардо планирал целата работа да трае две недели, главно под притисок на Кристина Маслач, исто така студентка но и девојка (а подоцна и сопруга) на Зимбардо, експериментот е откажан по само шест денови, кои биле доволни за атмосферата да стане ужасна.
Иако ниту еден студент во следните години наводно не покажал трајни трауми, Зимбардо ја признал неговата вина:
„Виновен сум заради гревот на одрекувањето - злото на непреземањето ништо - и необезбедувањето соодветна контрола и надзор кога тоа беше потребно. До резултати се дојде по цена на човечко страдање. Се извинувам за тоа и до ден-денес жалам заради мојот удел во оваа нехуманост"
Сепак, Зимбардо подоцна ги употребил наодите од ова истражување за промовирање на хероизмот во секојдневниот живот, помош на ветераните да се вклопат во општествениот живот, работа со срамежливи луѓе, а сведочел и во текот на судењето на поручник кој бил обвинет за злосторства во Абу Граиб. Денес Зимбардо има 83 години и е во пензија, но соработувал во правењето на новиот филм.
Ако целава приказна ве потсетува на експериментот на Милграм за кого веќе пишувавме тука, тоа не е случајно - Милграм и Зимбардо биле средношколски пријатели. Но има една битна разлика. Иако електрошоковите кои им беа давани на учесниците во експериментот на Милграм беа лажни, нему му го ускратија местото на редовен професор на Харвард. Од друга страна, Зимбардо стана универзитетска ѕвезда по неговиот експеримент, каде освен лажните затворски ќелии, сето друго, па и насилството, беше вистинито.
Ова е трејлерот за новиот филм, чија премиера во САД ќе се случи на 17 јули:
Тука говорот на Зимбардо на ТЕД, 2008 за природата на злото (повеќе од 4 милиони прегледи)