Рахим Солтани е затвореник, кого го запознаваме во моментот кога е пуштен на дводневно отсуство, кратко време кое тој сака да го искористи за да најде начин никогаш да не се врати во затворот. Taму е поради невратен долг од 150 милиони ирански томани (нешто над 3000 евра) кон неговиот поранешен девер, Бахрам. Девојката на Рахим го пречекува со случајно најдена торба во која, како во некоја бајка, има ќесе златни монети. Планот е да ги продадат и да вратат дел од долгот што би го ослободило Рахим од затвор, а тој остатокот да го доплаќа од работата што веднаш би ја нашол како молер и калиграф.
Но цената на златото е падната, и тие не можат да постигнат ни третина од сумата. Во расправија околу тоа што да прават следно, девојката му вели - па тогаш врати ги парите на оној што ги загубил, барем тој да се израдува. Ова е клучката од која претчувствуваме дека нештата ќе се одвиваат на непредвидлив начин, и знаејќи го Фархади и неговите претходни филмови (оскаровците „Разделба“ и „Продавачот“) не секогаш поволно за оној кој навистина е, или сака да се прикаже како чесен.
Торбата е огласена, и вратена на сопственичката, која е бескрајно благодарна, бидејќи ги заработила парите со ткаење черги, сакајќи да си обезбеди независност од насилниот сопруг. Никој од семејството на Раим не се сомнева во приказната, и не ја прашува за името и адресата. Ова понатаму ќе ги искомплицира нештата, затоа што иако локалните невладини и самиот затвор сака да му помогне на Раим да го врати долгот и да најде работа, на социјалните мрежи почнуваат муабети за автентичноста на неговата приказна и за тоа дали е правично да се собираат пари за бивш должник, кој и онака нема многу за лежење, наместо за луѓе кои доколку не им се пружи правна помош би завршиле на бесилка. Одмага и тоа што тој во моменти на нервоза го губи компасот и завлегува во мали лаги кои имаат големи последици, но и во физички пресметки.
Токму во моментот кога гледачот ќе рече „ок, работата е средена“ се случува нешто што ја менува насоката, и ги намалува шансите на Рахим да се извлече. Но исто така драматично се менува и нашата поддршка за него, од крајно сочувство и почит кон „херојот“, до осуда. Елементите се така наредени за вагата никогаш да не е во рамнотежа, па де натежнува на едната страна, на пример поради пелтечењето на неговиот син од првиот брак што прави да се разнежниме, де на другата, кога станува јасно дека во приказната на Рахим има место за сомнеж во манипулации. Сепак, неговите постапки, какви и да се, се секогаш „органски“ поврзани со постапките на другите, кои пак се мотивирани од лични интереси - затворските служби да изгледаат фини пред пошироката јавност, невладините да го сочуваат својот хуманитарен образ, оној кој со чисто срце ги позајмил парите да си ги врати назад. Во таква сложена мрежа на односи, тешко е да одлучно да се заземе страна. А ако е така, тогаш целиот морален универзум, и нашиот и оној на Рахим, стои на стаклени нозе.
Илина, Букбокс