Букбокс гледаше

„Белиот меч“ (документарен, 2012)

Филм за човек кој поради генетско нарушување го загубил видот, но не се откажал од тоа да работи на својата самодоверба и вештини. Со помош на посветени учители, почнал да тренира аикидо, а сега самиот подучува други слепи лица како да се одбранат доколку бидат физички нападнати. 

Вилмош Немет во младоста почнал да го губи видот. „Како врз слика да истурате млеко. Најпрвин таа побелува и се заматува а потоа целосно ја снемува“ - го опишува тој своето искуство. Кога целосно ослепел, тој како лице со хендикеп не секогаш ја добивал потребната законска заштита, а нештата на улица стоеле уште полошо. Кога еднаш бил физички нападнат на улица се потсетил на карате зафати кои ги вежбал како дете и успеал да се одбрани. Тогаш одлучил дека ќе се занимава со боречка вештина, но и дека ќе се посвети на обучување и на другите како него да се здобијат со самодоверба и на тој начин самите да се вклучат во секојдневниот живот, дури и тогаш кога општеството тоа им го отежнува.

Филмот ги следи тренинзите по аикидо, обидувајќи се да ни ја претстави и филозофијата зад оваа вештина. Истовремено се запознаваме со животниот пат на Вилмош, кој во меѓувреме завршил за физиотерапевт, формирал семејство и добил обучено куче-водич, кое е негов постојан придружник. Бездомниците кои ги среќава во подземниот премин низ кој поминува секој ден за на работа се израдувале кога виделе дека тој има помош, а кучката Џеси ја завикале негова „девојка“. Вилмош со солзи во очи раскажува дека кога таа била затруена и ветеринарите се бореле за нејзиниот живот, бездомниците собрале пари и му ги понудиле како помош. 

Физичкото слепило, како што го нарекува својот хендикеп, направило тој да прогледа на друг начин - да ги чувствува нијансите во однесувањето на другите, да го замислува она што не може да го види, но и да работи на оние вештини кои сепак може да ги има. Со помош на прилагодена компјутерска опрема, снимање на предавањата и поддршка од професорите, тој успева да студира Правен факултет со желба да се здобие со диплома, и на тој начин не само физички, туку и правно да ги заштитува сличните на него. 

Најголемото изненадување доаѓа кога на Вилмош му е понуден имплант кој нема да му го врати видот, но сепак ќе го подобри - тој би можел да чита големи букви и да го лоцира присуството на други луѓе во близина. Но тоа подразбира дека би морал да се откаже од аикидото, бидејќи секој удар во главата би бил ризичен. „Не сакаш да си ги видиш децата, а понатаму и внуците?“, му вели прагматичниот татко во ординацијата каде што Вили треба да ја донесе одлуката.

„Јас и вака гледам“, вели тој, не сакајќи да се откаже од она што ние го сметаме за хендикеп, на штета на нештата со кои се здобил токму поради него. 

Филмот е достапен на ХБО.

Илина, Букбокс

Поврзано: Аикидото и неговите темели во Македонија (2016)

24 ноември 2021 - 08:08