Колку аикидото како вештина е популарно денес во Македонија и дали може да го земе приматот на каратето или џудото?
Уште не можеме да ја достигнеме таа популарност на карате и на џудо, иако интересот за џудото во последниве неколку години како да избледе. Не знам зошто, затоа што во соседните држави, на пример Словенија е многу јака во џудо. Имаат многу деца коишто тренираат, добри натпреварувачи и покажуваат резултати. Каратето како се уште да го држи приматот кај нас. Сега има и разни бразилски вештини, како џиу-џицу, или разни ММА кои се нови. Аикидото, полека но сигурно добива на популарност.
Кои се почетоците на аикидото кај нас?
Не може да се издвои еден настан како почеток на аикидото кај нас. Оваа вештина е дојдена од различни правци, а првпат кај нас се појавува некаде во 1978. година, кога во Битола гостувал некој учител и покажал неколку потези и тоа останало така на ниво на некоја секција. Христа Јанчулоски е човекот кој за првпат демонстрирал аикидо. Потоа следува период на пауза од неколку години, а потоа одново станува актуелно некаде во ’90-те години кога заживува најпрво во Србија, но во тоа време уште не било издифернцирано реалното аикидо наспроти ова обичното.
Таа група која што подоцна ќе стане етаблирана во аикидото имала контакти во Македонија, Љубо Врачаревиќ е човекот којшто се поврзал со наши луѓе, со Ѓуро Илиќ од Битола пред сè и преку него се отворил првиот клуб во Битола. Прво како секција на џудо клубот, а потоа како нов посебен клуб. Момците кои тренирале во овој клуб, подоцна доаѓаат на студии во Скопје и го отвораат првиот клуб во главниот град. Тој клуб се викаше „Маруи“, клуб кој беше како расадник, а подоцна почнаа да се отвораат и други клубови за реално аикидо.
Каква е разликата меѓу реалното и обичното, класично аикидо?
Името реално и аикидо воопшто не упатува на разликата меѓу нив. Реално аикидо е еден добро избрана маркетиншка стратегија за да го промовира како такво. Љубо Врачаревиќ, човекот кој почина пред неколку години, во тоа време зборуваше дека неговото реално аикидо е за улична борба, за секојдневна ситуација, да знаеш да се одбраниш. Не му го спорам тоа, генерално секоја боречка вештина ќе ти помогне во некоја таква ситуација, меѓутоа не е тоа вистинската разлика меѓу аикидо и реално аикидо.
Од каде води потекло аикидото?
Аикидото води потекло од Јапонија каде го создавале генерации на луѓе се до оној кој што се смета за основач – Морихеи Уешиба кој го ставил тоа во еден систем. Аикидото подоцна е признаено од јапонските власти како таква вештина и од тогаш се развива низ светот. Уешиба го создал со една идеја и тоа е суштината која што го разликува од сите останати боречки вештини, а тоа е да не се повредува противникот. Служи за борба, не му недостасува ништо во смисла на боречки систем, но идејата е на крајот противникот да не биде повреден, а уште помалку убиен. Аикидото е одбранбена, а не напаѓачка вештина.
Реалното аикидо, за тие кои го познаваат, знаат дека содржи многу повеќе агресија од ова обичното. Парадоксално или не, Љубо Врачаревиќ сметал дека за ова поднебје не е прифатливо обичното аикидо, и решил вака изменето да го промовира на овие простори. Неспорно е успешен во смисла на тоа што го постигна како мајстор, меѓутоа тоа навистина нема врска со аикидото и затоа тој воопшто не е признаен од Светската аикидо федерација.
Има ли организација на турнири во Македонија?
Тоа се семинари, не се турнири, така е и во реалното и во нашето обичното. Логично е кога нешто не е напаѓачко и не може да се спротистават двајца за да се создаде дуел и едниот да биде победник. Тоа е добро во некоја смисла, затоа што не се негува ривалство или суета кој е подобар. Тие вредности се поинакви во аикидото. Ти се бориш и се натпреваруваш со самиот себе. Се трудиш секој ден да бидеш подобар од самиот себеси: вчера сум бил нешто, денес ќе се потрудам да бидам подобар. Едноставно аикидото е единствено како такво во светот. Не постои друга вештина која што нема таква спортска варијанта и сите се горе-долу повеќе ориентирани кон тоа, да се отиде на турнир, да се освои медал да се врати како победник.
Аикидото има духовна димензија.
Дали на семинарите доаѓаат и гости од надвор, од разни земји?
Да. Во принцип секој семинар е отворен, меѓународен е а одзивот зависи од тоа кој мајстор ќе дојде, во кое време е организиран итн.
Има ли во Македонија аикидо федерација?
Има две, и има неколку клубови коишто се „слободни стрелци“, функционираат сами за себе. Едната федерација е формирана во Битола од 2001-ва година, тоа е „Македонската аикидо асоцијација“ која што во свој состав има еден клуб од Битола и два клуба од Скопје, а нашата федерација „Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија“ е основана во 2006-та и сега броиме пет клуба, три во Скопје, еден во Куманово и еден во Велес. Имаме особено добри односи со другата организација, им одиме на гости, тие ни доаѓаат на семинари...
Нашата Федерација ја води Италијанецот Микеле Квараната којшто има учител Јапонец и со тоа имаме една таква директна линија со изворот на аикидото во Јапонија. Другата Асоцијација има учител Турчин – Мустафа Ајѓун, кој исто има свој учител од Јапонија. Клубовите кои функционираат како „слободни стрелци“ не влегуваат во ниту една од федерациите, затоа што имаат учители кои доаѓаат од други држави, но исто така по линија од Јапонија.
Зошто аикидото не е признат Олимписки спорт?
Бидејќи воопшто не е спорт, немаме натпревари и не може да биде олимписки, но Меѓународната аикидо федерација е членка на Спорт Акорд, а Спорт Акорд е под закрила на Олимпискиот Комитет којшто ги покрива сите спортови кои не се натпреварувачки. Спорт Акорд има претставување на вештините на светско ниво, тоа се вика World Combat Games, а минатиот голем настан се одржа во Санкт Петерсбург во 2014-та, а следното ќе биде во Чиле во 2018-та.
Има ли шанси Македонија да пушти свој претставник?
Па ние би сакале, но ќе видиме како ќе се движат работите. Чиле е далеку и треба многу пари, а ние се самофинансираме. Во натпреварувачките спортови полесно е да најдеш спонзор, а кај нашите е потешко. Но има луѓе кои имаат разбирање.
Дали сте се обратиле до Македонскиот Олимписки комитет за евентуална поддршка?
Се уште не, затоа што чекаме да се официјализира признавањето на нашата Федерација. Треба да добиеме признавање од Светскиот центар на Аикидото за да можеме да станеме член на Меѓународната Аикидо Федерација.
Кога сме таму, кои се условите и критериумите една Федерација да стане членка на Меѓународната Аикидо Федерација?
Прво се добива дозвола од самиот Светски центар на аикидо, тие имаат некакви технички пропозиции, а тоа се: Федерацијата да постои повеќе од 5 години, да има повеќе од три клуба, да има минимум еден 4 дан во Федерацијата (човек со 4 дан) и уште минимум двајца други со 2 дан за да може да се оформи техничка комисија која што ќе ја води Федерацијата. Потоа се добива сертификат со кој се влегува во Светската Меѓународна Аикидо Федерација. Ние веќе сме учествувале на два нивни Конгреси во 2012 и 2016 година во Јапонија.
Го спомена данот. Како оди целата градација и како се стига до први, втори, четврти дан?
Има програми за полагање. Секој што ќе почне почнува од првото скалило, првиот бел појас, и оди понатаму преку шест ученички степени и потоа се стигнува до мајсторски појас. Мајсторскиот појас има 8 степени, до 4-тиот се полага пред комисија а потоа 4-ти дан, 5-тиот, 6-тиот, 7-миот и 8-миот се добиваат по заслуга зависно од тоа дали држиш семинари и го промовираш и шириш аикидото во и надвор од државата.
Има малку луѓе кои не се Јапонци, а кои имаат седми или осми дан. Тоа е многу високо достигнување.
Првиот дан е првиот мајсторски степен. Се полага уште за втори, трети и четрвти. Со четвртиот се завршува со полагање. Петти и шести дан веќе значат ширење на аикидото, треба да си попознат во аикидо светот и да дадеш придонес за ширење. Има малку бели луѓе (кои не се Јапонци) кои имаат седми и осми дан.
Во однос на тренинзите?
Основата структура е ваква: Се работат техники на дишење, после загревање, па основни движења и основи паѓања, за да заврши со вежби за истегнување. Имаме и вежби со оружје. Од оружје се користат јапонските традиционални: дрвен меч, како катана само дрвена и стап којшто е долг 130см, се употребува делумно како копје, делумно како стап. Овие тренинзи се специфични, имаат малку поинаков карактер од оние со голи раце, но се многу важни за да се створи чувство на дистанца, од каде доаѓа опасноста, самовременост, основни елементи за борба и многу поголемо ниво на чувство за префинети правци, намери и движења. Понекогаш имаме тренинзи кои ги викаме Генки-каи, а тоа е еден вид на јапонска јога. Посветени се на здравјето. Се вежбаат на земја во лежечки или седечки став. Ако ова што е аикидо борба во стоечки став, ова му доаѓа како гимнастика во лежечки став и е многу интересно затоа што заедно со аикидото прави еден систем на телесни состојби.
За аикидото е кажано дека е медитација во движење. Немаме посебни вежби за медитација, но тоа е составен дел.
Првенство и лига нема?
Нема, затоа што не сме компетитивен спорт. Ако се решиме да пратиме луѓе на некој настан како World Combat Games тоа ќе биде некој што најдобро знае да ги прикаже вежбите што ги работиме, оти таму има јавен приказ. Не натпревар, туку демонстрација. Во Санкт Петерсбург тоа што беше пред две години, имаше од многу држави, го гледав на Јутјуб беше пренесувано и имаше такви демонстрации кои човек ужива да ги гледа.
Имало ли некогаш детски семинар?
Сме имале еднаш, но тоа беше во склоп на друг семинар. Можеби во иднина ќе правиме. За 2017-та планираме еден детски семинар. Тоа би го направиле со цел да дојдат и нивни другарчиња, да видат како се вежба, една размена на идеи која што ќе ги држи заинтересирани. Затоа што ако стално вежбаш во една затворена средина, нема толкав ефект.
Како функционира вашиот клуб „Хенбо“?
Самите почетоци датираат уште од 2006. година кога за време на моите студии решив со уште некои колеги и пријатели да почнеме самостојно да вежбаме. Менувавме неколку сали и места, а во исто време групата се зголемуваше. Пред неколку години се сместивме во спортската сала на ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“. Во моментов имаме сениорска група и група на деца која што постојано се зголемува. За нив имаме и посебни појаси со бои со цел подобро да се анимираат, иако во аикидото нема појаси во боја, освен стандардниот бел и црн појас.
Секој заинтересиран за аикидо може да се обрати во нашиот клуб „Хенбо“.