Во декември 2001, 48-годишната Кетлин Питерсон (Тони Колет) е пронајдена мртва во подножјето на стрмните скалила на својот дом во Дархам, Северна Каролина. Прв ја забележува нејзиниот сопруг, Мајкл Питерсон (Колин Фирт), познат писател, кој веднаш е обвинет за убиство врз основа на наодите на аутопсијата, кои покажуваат насилни повреди. Семејството е поделено во поддршката на обвинетиот - неговите синови од првиот брак, како и посвоените ќерки се на негова страна. Но ќерката на Кетлин и нејзините сестри одлучуваат да бидат сведоци на обвинителството.
Судењето ја отвора Пандорината кутија на приватниот живот на Мајкл и неговото семејство или семејства. Првичниот шок се случува кога на виделина излегуваат преписки и фотографии од негови врски со млади мажи, понекогаш професионални придружници. Фактот дека тој живеел со ваква тајна, за која Кетлин можеби знаела а можеби и не, фрла сенка на и она малку шанса тој да е невин. Медиумите ископуваат и други лаги кои ги пласирал додека се кандидирал за локална политичка функција, меѓу кои и тоа дека бил ранет во битка, за што бил одликуван. Таман ќе одлучиме да му веруваме, на пример фаќајќи се за сламка кога е пласирана навидум неверојатна теорија дека убиецот е обичен був, се случува нешто што ни ја разнишува довербата. Во ниту еден момент не сме на чисто која од различните верзии на таа една иста вечер ни се гледа најреална, затоа што следната е секогаш за малку поверодостојна од претходната.
Серијата е играна, но е поврзана со друга, документарна под истиот наслов од 2004, во десет продолженија, на режисерот Жан-Ксавиер де Лестрад. Неговата (фиктивна) екипа е присутна во речиси сите кадри од серијата и потсетува на омнипрезентноста на медиумите во вакви атрактивни случаи. Монтажерката на материјалот, Софи (Жилиет Бинош) толку се вовлекува во целата приказна, што почнува приватна преписка со Мајкл додека тој е во затвор и станува негова заштитничка и платонска љубовничка. Со нејзина помош тој е ослободен во 2017, но врската е раскината уште пред вистински да биде конзумирана - кога тој одбива да замине за Париз со неа.
Ако не ве нервираат серии во кои ќе се изнагледате различни теории за на крај ниту една да не превагне, и во кои од толку детали и временски линии во еден момент не знаете дали сте во 2001, 2011 или 2017-та, тогаш слободно изгледајте ја оваа. На моменти ќе сакате таа да тече побрзо и да не вклучува толку непотребни детали од животот на сите протагонисти, но тешко дека ќе се откажете на средина. И заради одличните актери, но и затоа што секогаш веруваме дека мора да има логична завршница на некаков случај, дури и кога во тоа нè демантираат и животот, и уметноста.
Илина, Букбокс