„Вози ја мојата кола“ (Drive My Car) на Рјусуке Хамагучи доби три награди во Кан, вклучително и за најдобро сценарио, и беше избран за јапонски кандидат за Оскар. Тој е инспириран од истоимен расказ на Харуки Мураками од збирката „Мажи без жени“ (за којашто претходно пишувавме тука), но развиен и раскрилен како симфонија од основна мелодија, со продлабочена анализа на ликовите и дополнително пробиени патеки низ секогаш густата наративна шума на овој автор.
Неколкуте основни елементи се сепак тука: средовечниот актер и режисер Јусуке Кафуку; неговата мистериозна и неверна сопруга Ото, чија смрт дополнително го изместува по онаа на малата ќерка; работата на претставата „Вујко Вања“, процес кој се прелева вон сцената и станува автореферентен за она што се случува во реалноста; тивката девојка која му е доделена како шофер во текот на правењето на претставата, која станува двигател не само на неговиот автомобил, туку и на неговото исцелување. „Животот ми е промашување. Паметен сум и храбар и силен. Да имав НОРМАЛЕН живот можев да станам уште еден Шопенхауер или Достоевски. Го губам умот!“, е реплика од претставата која се повторува, поставувајќи реторичко прашање - дали навистина постои нешто „нормално“ кое е услов за среќен живот и големи дела, или напротив, токму соочувањето со комплексноста на човечката ситуација, која е во основа иста без оглед на времето и просторот, е најголемиот благослов за оној кој вистински сака да се запознае себеси, а низ себеси и другиот.
Продукцијата на „Вујко Вања“ е повеќејазична и мултикултурна. Актерите зборуваат на мандарински, корејски, англиски и на знаковен јазик. Тие не само што не си ги разбираат меѓусебните реплики, туку како намерно да се поставени во улоги кои не им се „пасент“, ни во смисла на возраст, ни во смисла на сензибилитет. Како и во животот, тие имаат избор - целосно да се откажат од „играта“, буквално да глумат нешто што не се, или согласно методот на режисерот најпрвин со денови само роботски да читаат, додека самиот текст не им „проговори“. Така, тие ги разоткриваат внатрешните мотивации и најдлабоки стравови не (само) на ликовите од драмата, туку на сопствените личности.
На мета-ниво токму тоа го прави и самиот филм, чија шпица прв пат се појавува четириесетина минути по неговиот почеток, кога гледачот е веќе загазен во содржината. Тој реално почнува кога некои нешта веќе изгледаат како завршени, кога она што би можело да се раскаже како класичен „заплет“ е речиси исцрпен. Но она што потоа делува како aнтиклимакс и механичко повторување (едночасовно возење од и до театарот, пробите, слушањето на касетите со репликите од претставата во автомобилот) станува тивок тригер на промени. Автомобилот кој во расказот е жолт, тука е црвен, но фактот дека Јусуке се откажува од тоа по секоја цена да го управува, симболично ја отсликува неговата подготвеност да сврти нов лист, без грчевито да се држи до „воланот“ на минатото.
Мураками е познат по бројните референци на нему омилени автори и дела. Како и во романот „Кафка на брегот“ и тука презимето на главниот лик е опишано како „необично“ и можеби е затскриена референца и на писателот Кафка, и на истоимениот лик од спомнатиот роман кој исто така се обидува да зацели од опсесивна љубовна врска. „Мажи без жени“, збирката раскази во која е содржан и „Вози ја мојата кола“ е истовремено наслов на збирка раскази на Хемингвеј, а насловот на расказот (и на филмот) е пак од истоимената песна на Битлси. Филмот сепак се еманципира од светот на Мураками градејќи свој, во последните сцени потсетувајќи и на околностите во коишто е правен - актуелната пандемија. Но гледајќи ja Maсаки Ватари, младата шоферка, како со маска пазари во продавница а потоа седнува во истиот тој автомобил-дом во којшто сега има и куче, си ги повторуваме завршните реплики од „Вујко Вања“:
„Ќе проживееме низ долгата процесија денови пред нас, и низ долгите вечери. Ќе ги издржиме предизвиците кои ни ги наметнува судбината. И потоа...ќе одмориме.“
Илина, Букбокс