Во 1949 кореографот Џером Робинс им пристапува на композиторот Леонард Бернштајн и на писателот Артур Лаурентс со идеја за мјузикл инспириран од Шекспировата „Ромео и Јулија“, но таква која би се одвивала во тогашната реалност на 1950-ти, во Апер вест сајд на Менхетен, во тоа време работничка и расно мешана њујоршка населба. Првичната идеја, централниот конфликт да биде помеѓу католици и Евреи, е променета откако им паднал во очи актуелен наслов на статија за улично насилство помеѓу Мексиканци и белци. Бернштајн сакал ова да биде оперета, но другите инсистирале на проект кој повеќе би одел кон „лирски театар“, односно мјузикл.
Премиерата се случува по дури 8 години, главно поради презафатеност на Бернштајн, кој во исто време е и директор на Њујоршката филхармонија, но и поради откажување на некои од соработниците. Кога конечно се прикажува, на 26 септември 1957, претставата станува хит, и на сцената на театарот Винтер Гарден во континуитет се изведува цели 732 пати.
Првата целосна снимка на музиката е направена во 1984, со оперски пејачи, сопранистката Кири Те Канава и тенорот Хозе Карерас. Целиот процес е забележан во ТВ документарец, од кој најпознат е делот каде Бернштајн го губи трпението со Карерас затоа што овој му брза.
Четири години по Бродвејската премиера, мјузиклот е адаптиран за филм со Натали Вуд и денес помалку познатиот Ричард Бејмер (подоцна играл во „Дневникот на Ана Франк“ и во „Твин Пикс“), кој доби десет Оскари, вклучително и за најдобар филм. Театарски поставки на „Вест сајд“ има стотици низ целиот свет, а композициите на Бернштајн, кои се мешавина на џез, латино ритми и симфониски аранжмани имаат извршено трајно влијание, особено врз бродвејските продукции.
И после сето ова, од каде мотивот во 2022 да се прави нова верзија, и тоа режирана ни повеќе ни помалку туку од Спилберг? Веројатно тоа е истиот оној кој прави делата на Шекспир (или на кои и да било други класици) да бидат поставувани одново и одново, и никогаш да не загубат од актуелност. Забранетата љубов помеѓу Марија и Тони, во комбинација со мелодии кои денес се евергрини (сигурно ќе ги препознаете „Марија“ или „Некаде“ дури и да не сте по ваквата музика), се добитни карти, но само ако продукцијата навистина ги исполни денес повисоките стандарди за филмски спектакл. Кинематографски и режисерски тоа е направено - од првиот до последниот момент сè е во движење, шарено и со шмек на 1950-тите. Џетс и Шаркс се две банди како излезен од стрипови, среде рушевини на Вест сајд кој наскоро треба да биде претворен од работничко гето во најпрестижен њујоршки кварт. Па сепак, дури и соочени со скорешното бркање, обете заедници се држат до она што сметаат дека е нивно, пресметувајќи се со погрешниот противник.
Сепак, останува чувството дека котвата е фрлена предалеку во минатото, и дека самата приказна можела да биде уште поактуелна, иако со тоа и поконтроверзна. Исламски екстремисти со американски демократи? Воук левичар со неонацистка? Нивниот конфликт може да почне на социјалните мрежи каде постовите ќе се читаат со пеење, а физичката пресметка да продолжи во виртуелна реалност, каде холограмска, пискелирана толпа при крајот ќе се тетерави кон камерата, томвејтсовски пеејќи:
There's a place for us
Somewhere a place for us
Peace and quiet and open air
Wait for us somewhere
Someday
Somehow
We'll find a new way of living
We'll find there's a way of forgiving
Somewhere
Не баш за Оскар, нели?
Илина, Букбокс