Ако имате кошмари може да ви е од - сирењето

До сега мал број научни истражувања ја испитувале врската помеѓу храната и лошиот сон. Едно нова студија се обидува да го направи токму тоа. Заклучок: помалку сирење, особено навечер.

Ново истражување објавено во стручното списание „Граници на психологијата“ (Frontiers of Psychology), кое го раководел Тор Нилсен, професор по психијатрија на Универзитетот во Монтреал, се обидува да даде одговор на прашањето кој вид прехранбени продукти влијаат врз сонувањето и на кој начин.

Тимот спровел анкета меѓу 1.082 студенти на Универзитетот Макјуан во Алберта, Канада. Сите учесници одговориле на прашалник за своите навики во исхраната, чувствителност на храна, квалитет на спиење, зачестеност на кошмари и други поврзани аспекти. Пријавиле и дали јадат доцна навечер, дали грицкаат и кога не се гладни, дали имаат гастроинтестинални симптоми, алергии на храна или состојби како интолеранција на лактоза. Покрај тоа, оцениле колку добро спијат и колку често имаат вознемирувачки соништа.

Речиси една четвртина од испитаниците изјавиле дека одредена храна навечер негативно влијае на нивниот сон, додека нешто над 20% рекле дека некои намирници го подобруваат спиењето. Од оние кои пријавиле зголемена појава на кошмари по консумирање одредена храна, 31% ја посочиле кондиторската храна (десерти и благо), 22% млечни производи, 16% месо, а 13% лута храна.

Најчесто пријавената медицинска состојба поврзана со нарушувања на сонот била токму интолеранцијата на лактоза, што дава неочекувана потврда на старата идеја дека парче сирење може да биде виновник за ноќните кошмари. Од луѓето кои верувале дека нивната исхрана негативно влијае на квалитетот на сонот, 30% имале дијагностицирана интолеранција на лактоза.

„Кошмарите се полоши кај лица со интолеранција на лактоза кои имаат силни гастроинтестинални симптоми и чиј сон е нарушен“, вели Нилсен. Тој објаснува дека има логика во тоа, бидејќи знаеме дека телесните сензации, како болка, звук, мирис или светлина, можат да се вметнат во соништата додека спиеме. Една мета-анализа од 2024 година потврдува дека различни сензорни дразби, па дури и физички притисок, можат да бидат „вградени” во соништата доколку телото ги доживува за време на спиењето.

Истражувачите додаваат и дека храна поврзана со кошмари може да биде индиректно поврзана со анксиозност и депресија. На пример, симптомите на интолеранција на лактоза – како надуеност, грчеви и гасови – имаат влијание врз расположението, што пак може да се пренесе и во сонот и да резултира со негативни емоционални содржини во соништата. Нивниот труд се повикува и на претходна студија од 2005 година, исто така на Нилсен, која покажала дека соништата се поемотивни и исполнети со конфликти кога луѓето чувствуваат абдоминални болки, вклучително и во текот на менструацијата.

Истражувањето разгледува и како времето на јадење влијае на сонот. Јадење доцна навечер или грицкање пред спиење е поврзано со т.н. “eveningness chronotype” – односно биолошка склоност кон будност во вечерните часови – што, според претходни истражувања, само по себе е фактор кој го зголемува ризикот од кошмари.

Нилсен и неговите колеги нагласуваат дека нивното истражување не докажува директна причинско-последична врска – можно е лошиот сон и кошмарите да доведуваат до послаби избори во исхраната, наместо обратно. Сепак, не сè во исхраната има негативно влијание. Некои видови храна, според резултатите, дури можат да го подобрат спиењето. Речиси 18% од оние кои редовно јадат овошје пријавиле подобар сон, исто како и 12% од оние кои јадат повеќе зеленчук и 13% од оние кои пијат билен чај.

11 јули 2025 - 09:03