
(фото: Εpa Images)
На Филмскиот фестивал во Карлови Вари кој заврши на 12.07. шведскиот актер Стелан Скарсгорд беше присутен за да го промовира новиот филм на Јоаким Трир, „Сентиментална вредност“, кој го доби Гранд при-то во Кан, а во кој игра една од улогите. Во интервју за Варајати, тој притоа зборуваше отворено за неговиот сложен однос со Ингмар Бергман, нарекувајќи го одличен режисер, но лош човек. Со него соработувал во 1983, на ТВ адаптација на „Училиште за жени“ на Молиер.
„Бергман беше манипулативен, бил нацист во текот на војната и единствениот што го знам кој плачел кога умрел Хитлер. Имаше чуден однос кон луѓето – мислеше дека некои од нив не се достојни“, изјавил тој.
Говорејќи за својата кариера, тој се потсети на скромните почетоци, како и на култниот филм „Спроти брановите“ на Ларс фон Трир, кој му ја донесе меѓународната слава. „Фон Трир тогаш беше многу срамежлив. Ми рече: ‘Не сакам физички контакт’, но го прегрнав. Од таму почна нашето пријателство.“ За женската улога која ја играше Емили Вотсон првично била разгледувана Хелена Бонам Картер, која ја одбила поради експлицитните сцени. „Подоцна ја сретнав во Кан и само ја погледнав. Таа рече: ‘ЗНАМ! ЗНАМ!’“
Со фон Трир повторно соработувал на „Танцувач во темнината“ со Бјорк, каде атмосферата на снимањето била тешка. „Тие двајца беа контрол-фрикови, навикнати секогаш да биде по нивно. Продуцентот плачеше кога стигнав.“
Во интервјуто Скарсгорд го брани фон Трир од обвинувањата за мизогинија: „Тој не мрази жени. Женските ликови во неговите филмови всушност се одраз на него самиот.“ Пред „Нимфоманка“, фон Трир му се јавил и рекол: „Следниот филм ќе биде порно. Те сакам во главна улога. Ќе го прикажеме твојот пенис дури на крајот - и ќе биде многу мек.“
Својата актерска кариера ја почнал како дете во серијата „Бомби Бит и јас“, шведска верзија на „Хаклбери Фин“. „Ми беше супер, особено бидејќи ме гледаа 14-годишни девојчиња.“ Во текот на кариерата работел на „Гуд Вил Хантинг“, „Амистад“, „Пирати од Карибите“, неколку филмови од франшизата Марвел и „Мама Миа“.