
„'Патот на солта' е неверојатно искрена, инспиративна вистинска приказна што го слави животот“ - вака гласи описот на мемоарот - бестселер на Рејнор Вин, на сајтот на издавачот Пингвин Рендом Хаус.
Но, откако книгата од 2018 се продаде во повеќе од 2 милиона примероци, на неа се надоврзаа две продолженија а сега има и филм со Џилијан Андерсон, ова беше ставено под прашање од страна на британскиот Опсервер. Весникот објави истражување со наводи дека книгата не е целосно автентична. Според мемоарот, Вин и нејзиниот сопруг Мот останале бездомници откако загубиле се што имале во неуспешна инвестиција и одлучиле да пешачат по југозападната крајбрежна патека на Англија, да спијат во природа и да се потпираат на добрината на туѓинци. Но, текстот тврди дека Вин претходно земала 64.000 фунти од поранешен работодавач. Исто така, се доведува во прашање дијагнозата на Мот со ретка невролошка болест (CBD - кортикобазална дегенерација), која е клучна во книгата.
Вин најави тужба, тврдејќи дека нејзината книга е вистинита. Подоцна објави подетално соопштение со медицински докази за состојбата на нејзиниот сопруг и објаснување за губењето на нивниот дом. И покрај тоа, добротворната организација PSPA, која дотогаш работеше со Вин, го прекина партнерството со неа.
Ова не е прв случај некој мемоар да се доведе под сомневање. Претходно, се откри дека книгата на Миша Дефонсека за живот со волци во Втората светска војна била целосно измислена (за ова види претходно тука). Исто така, Маргарет Б. Џонс (всушност Маргарет Селцер) во својата книга за растење во сиромашен кварт во ЛА, „Љубов и последици“, всушност лажела за својот идентитет. Најпознатиот пример е „Милион мали парчиња“ од Џејмс Фреј, која по поддршката од Опра Винфри стана хит, но подоцна беше разобличено дека делови од неа се измислени. Опра го нарече тоа предавство кон милиони читатели.
Често се поставува прашањето како ваквите книги поминуваат без да се забележи лагата. Според експерти, тешко е целосно да се провери вистинитоста на нечии лични сеќавања. Издавачите се потпираат на доверба меѓу писателот и уредникот. Иако пред да се објави мемоар се проверува позадината на авторот, нема ригорозни проверки како во новинарството, и нема регулатор кој ги проверува сите издадени книги.
Повеќето издавачи немаат специјални тимови за проверка на факти. Правниот аспект најчесто се сведува на тоа дали има нешто што може да предизвика тужба, но не и дали приказната е фактички точна. Иако има случаи кога читатели тужеле издавач (како со Фреј), вообичаено штетата паѓа врз авторот, не врз издавачот. Повеќето авторски договори имаат клаузула дека делото е вистинито согласно изјава на авторот.
Некои од нив ги избегнуваат овие проблеми пишувајќи „автофикција“ – фикционализирана автобиографија – со што јасно ставаат до знаење дека не било сè буквално онака како што е опишано. Причината што некои автори, како Фреј, не го прават тоа е затоа што пазарно е полесно да се продава книга како „вистинита приказна“. Нема регулатори како што има за новинарство, а со толку многу книги што излегуваат секоја година, никој не може да ги провери сите. Единствено новинари или истражувачи повремено откриваат несогласности. Некои предлагаат подетална проверка кога некоја приказна звучи „предобро за да биде вистинита“.
Но токму тие „завршени приказни“ со јасна катарза и надеж често се тоа што читателите го бараат. Имајќи предвид дека мемоарите како овој на Вин се комерцијално успешни и финансиски наградени, додека правните последици се минимални, веројатно овие контроверзи нема да престанат.