
По повод 40 години од Лајв Ејд, Би-би-си премиерно прикажува документарна серија од три епизоди во која некогашните организатори и учесници споделуваат спомени за комплицираната и на моменти контроверзна приказна околу овој мега-проект, ставајќи го и во историски контекст - владеењето на Тачер во тој период, рударските штрајкови во Британија, но и гео-политичката ситуација во Африка.
Вечерта на 23 октомври 1984 година, Боб Гелдоф, пејач во „Бумтаун Ретс“, поп-бенд кој во тој момент е на залез, бил поканет на забава по повод промоција на книга од влијателниот моден дизајнер Питер Јорк. Но, пред да излезе од дома, на Би-би-си ја гледал репортажата на Мајкл Бјорк за страшниот глад во Етиопија.
Во документарецот „Лајв Ејд: кога рокенролот го освои светот“, една од највпечатливите и иронични архивски снимки е токму од Гелдоф на таа гламурозна забава, видно потресен од тоа што го видел на телевизија, коментирајќи пред друг гостин дека е „одвратно“ да се пие шампањ и да се јадат канапеи додека таму луѓето умираат од глад. Тој контраст меѓу луксузот и вината е суштината на овој троделен документарец кој не ги игнорира ниту слабостите на неговиот голем план - да се користи музиката за да се нахрани светот. Станува збор за комплексен портрет на еден човек што се обидел несовршено да реши речиси нерешлив проблем.
Постигнувањето кое документарецот го одбележува е Live Aid — масовниот концерт организиран од Гелдоф во Лондон и Филаделфија летото 1985. Првата епизода, сепак, се фокусира на нешто помало, но културолошки моќно: песната „Дали знаат дека е Божик“ создадена од спонтано формираната супер-група Бенд Ејд. Заедно со Мич Јур од „Алтравокс“, Гелдоф ја напишал песната и почнал да ги убедува сите поп-ѕвезди во Британија да се соберат во студио во западен Лондон на 25 ноември 1984. И успеал — нешто што изгледало невозможно се случило речиси преку ноќ.
Во денешно време, поп-сцената е премногу глобализирана, фрагментирана и предигитална за ваков проект да може да успее. Во најдобар случај, денешен еквивалент би бил вирално видео. И Гелдоф и Јур потенцираат дека тогашните поп-ѕвезди најчесто доаѓале од работничка класа (Стинг, Фил Колинс, членовите на Статус Кво и Бананарама) - нешто што сè поретко важи денес.
По огромниот успех на синглот, гледаме како Гелдоф се трансформира од музичар во активист. Се среќава со Мајка Тереза („глумеше беспомошна бабичка, но тоа беше шоу-бизнис“) и се конфронтира со светски лидери — има снимка каде што ја напаѓа Маргарет Тачер поради тоа што владата сакала да наплаќа ДДВ на продадените плочи. Не се двоуми ниту кога му се обраќа на претседателот на Етиопија, дури и со пцовки, иако за жал тоа останало незабележано на камера.
Најемотивниот момент е сеќавањето на Гелдоф како среде етиопска пустина ја слуша „Дали знаат дека е Божик?“. Кога дошла строфата што ја пее Боно, гледајќи го пред себе ужасот што го опишува песната, тој се расплакал. „Сета таа лутина и срамот“, вели тој во филмот отворено признавајќи дека станал бел спасител кој се ставил себеси во центарот на вниманието, но според него за повисока цел.
Останатите епизоди се занимаваат со тоа дали Гелдоф успеал да го одржи тој баланс, како биле распределени средствата и дали дел од изведувачите настапиле од личен интерес. Без оглед, едно е сигурно — станува збор за исклучителен феномен, на којшто можеби ќе се сеќаваат и генерации 40 години од сега.
Првата епизода тука
Live Aid Tribute денес (сабота) во Лабораториум
Претходно: Букбокс осврт за документарецот „Најважната ноќ во поп музиката“