28 јануари 1985. Во студиото A&M во Холивуд, во најголема тајност се собира актуелниот крем на американската музика и пар безвременски легенди. Меѓу нив Боб Дилан, Брус Спрингстин, Тина Тарнер, Реј Чарлс, Мајкл Џексон, Синди Лопер, сите во моментот во ЛА поради годишното доделување на Американските музички награди. Без телохранители и асистенти, ко нормални луѓе, тие формираат хорче кое ќе ја испее „Ние сме светот“ - американскиот сингл за помош на Африка, инспириран од британскиот Бенд Ејд.
Новиот документарец „Најважната ноќ во поп музиката“ изгледа дека има претенциозен наслов, но реално опишува ситуација која ниту се случила претходно, ниту некогаш ќе се случи. 40 од најкреативните музички умови, сосе продуцентот и „класен раководител“ Квинси Џоунс, се ставени во за нив необична ситуација - да поминат заедно една ноќ затворени во мала и прегреана просторија и да снимат песна со хуманитарна порака. Логистичкиот кошмар, воопшто да се донесат такви и толку луѓе во студиото, е дополнително комплициран со однесувањето на поединци - Принс не се појавува најверојатно поради ривалството со Џексон, кој заедно со Лајонел Ричи е автор на песната, а Ал Џаро се прави камен од вино уште на почетокот на вечерта и не може да си ги испее стиховите.
Филмот ги прикажува сите овие ѕвезди како луѓе од крв и месо, стресени, фасцинирани и уплашени за својата изведба пред колегите - некои од нив нивни идоли. Дел од нив се снаоѓаат подобро, шегувајќи се на своја сметка, обидувајќи се да ја намалат тензијата. Збунети се дури и „големите“ - кадрите фокусирани на Боб Дилан, кој делува како да е на првиот ден од градинка, се бесценети. Дајана Рос во еден момент му бара автограм на Дерил Хол и тоа поттикнува бран размена на потпис на текстот од песната. Истата на крајот од вечерта останува сама во студиото и плаче. „Не сакам ова да заврши“ - вели.
И со право. Заминувањето на таа генерација музичари, од кои некои веќе се одјавија, означува крај на епоха во која луѓето, а не машините, ја правеа музиката и уметноста воопшто. Оние на кои им била дадена шанса да бидат присутни, а ја пропуштиле, можат со право, како што тоа го направил Еди Марфи, самите да си се наречат „идиоти“.
Илина, Букбокс
(текстот е пишуван со плејлиста од 80-тите во позадина)