
фото: Epa Images
Што навистина е смешно кај Доналд Трамп? – Трејси Улман
Ништо не е смешно кај Доналд Трамп. Смешно ќе биде кога ќе си замине од функцијата и ќе правиме голема забава и ќе танцуваме на улица. Трамп изгледа како да нема крај на глупоста. Мислам дека е предавничко чудовиште што работи за Путин.
Секое лето одам во Франција затоа што не можам да го поднесам вестите. Не можам да го слушам тој човек секоја минута, секој ден. Во САД се опседнати со него. Како да се зависни.
Со тоа што си направил многу луѓе среќни преку смеа или песна, што е она што тебе секојдневно ти носи насмевка? – traleebob
Моите пријатели се или комичари или музичари, па често си свириме и пееме. Ми се допаѓа тоа – затоа што не си веќе само ти, туку си дел од нешто човечко. Најгорд сум што песната Always Look on the Bright Side of Life стана песна за погреби. Тоа ме трогнува.
Научи генерации да се смеат на смртта, класата, религијата и на лошиот театар. Има ли нешто што сè уште сакаш да го претвориш во шега? – Кетрин Зета-Џонс
Тоа е тешко прашање. Ако го знаев, ќе го направев! Поентата на комедијата е да преиспитува сè. Денес е страшно затоа што веќе и комичари ги запираат на граница, а ако имаат слики од Трамп на телефонот што не им се допаѓаат, не ги пуштаат.
Имам зелена карта 28 години. Би бил горд да ме избркаат – ќе бидам во исклучително друштво. Последниот англиски комичар избркан од Америка поради политички причини беше Чарли Чаплин.
Дали може да се отиде предалеку со комедијата зависи од тоа кој си. Ако си Лени Брус, почнуваш токму така, претерувајќи. Но јас обрнувам внимание. Ако одам на турнеја, ја прашувам кумашинката: „Може ли да се каже ова?“ Има групи луѓе кои не треба да се навредуваат, затоа што биле исмевани без причина.
Дали можеш да седнеш во паб или да вечераш во ресторан на раат? – Harrymeadows
Порано бев навистина непријатен. Но Робин Вилијамс ме научи дека тие средби значат многу за луѓето. Затоа треба да бидеш љубезен. Кога некој ќе дојде, велам: „Јас сум Ерик, како се викаш?“ Така и тие те гледаат како личност, а не како ѕвезда. Станува поприродно.
Џорџ Харисон го финансирал „Животот на Брајан“ затоа што сакал да го гледа. Да не беше тој, ќе го изгубевме ли тој филм? – Les Dennis
Тој ми го промени животот. Бев многу близок со него. Бев покрај неговата смртна постела. Не се плашеше од смрт. Мислеше дека ќе избега од повторно раѓање. Јас му реков: „Јас би дал сè да се родам повторно.“ Тоа беше нашето единствено несогласување.
На неговиот погреб реков: „Му благодарам на Марлборо, без кого немаше да бидеме тука утрово.“ Гргна смеа. Не беше најсоодветно, но понекогаш треба да ги именуваме виновниците.
Дали вонземјаните имаат смисла за хумор?
Мислам дека да – бидејќи хуморот е поврзан со самосвест. Секое општество има хумор, па дури и некои животни. А вештачката интелигенција само копира. Не може да каже нешто оригинално и навистина смешно. Тоа е нејзината слабост.
Кој комичар мислиш дека би се вклопил во Пајтон тимот? – BanjoPlayingFool
Ден Акројд – и писател и изведувач, и без его. Во Пајтон не се натпреварувавме – се поддржувавме.
Зошто во Пајтон вие ги игравте женските ликови? – Трејси Улман
Па, некои од нас беа исплашени од жени. Јас не бев. Кога бев претседател на „Футлајтс“, тогаш само машки комичарски клуб, ги сменив правилата за да вклучиме жени. Првата што дојде беше Жермен Грир. Ако не ги пуштиш жените, тешко ќе најдеш смешна жена.
Џон Клиз и Греам Чепмен беа навистина лоши кон Мириам Марголис. Јас секогаш ѝ велам дека не бевме сите такви – јас бев нејзин пријател. Но многумина од таа генерација беа сурови.
Дали мајка ти навистина беше медицинска сестра која вакцинираше деца во училишта? – ConradTurner
Да, вистина е. Давала вакцини по училишта. Ќе го мразеше Роберт Ф. Кенеди Јуниор, затоа што знаеше колку се важни.
Како се чувствуваше што не беше дел од двојка за пишување скечови, за разлика од другите во Пајтон? – Steve Coogan
Не сакам да пишувам во тим – не сакам да зборувам пред ручек. Станувам рано и пишувам. Потоа многу преработувам.
Другите во Пајтон имаа „два гласа наспроти еден“. Но најдов соработник – музичарот Џон Дју През, со кого работам 44 години. Тој можеше сè што јас не можев.
Освен Џорџ Харисон, какви односи имаше со другите Битлси? – Jwillchad
Сè уште сум пријател со Ринго. Пол е секогаш љубезен, но не сме блиски.
Која песна би сакал да ја имаш напишано? – ThankYouJohn
„Песна на месечината“ од операта Русалка од Дворжак. Прекрасна. Но не жалам за тоа што не сум ги напишал некои Битлс песни – тие тоа го направија совршено.
Дали некогаш си бил несигурен во својата работа како писател или актер? – Хенк Азарија
Секогаш на почетокот си несигурен. Ако си премногу сигурен – си арогантен. Јас никогаш не чувствувам дека пишувам, туку дека преработувам. „Спамалот“ имаше 17 верзии.
Секогаш ја тестирам секоја реченица: „Ако го кажам ова, дали ќе се насмеат?“ И така учиш.
Се сеќавам еднаш на „Тунајт шоу“ не се насмеа никој. Излеговме надвор и се смеевме, ништо не е посмешно од луѓе што не ти се смеат.
На денот кога ќе се објави ова интервју, ми е роденден. Кој ти е најубав роденден? – Nanu
Колку си постар, толку помалку сакаш да славиш. Не сакам да бидам во центарот на вниманието. Во приватниот живот не сум познат. Никој не вели: „Добро утро, легендо!“ Живеам тивок живот.
извор: Гардијан