Група германски работници пристигнуваат во планинско село во југо-западна Бугарија, каде треба да изградат хидроелектрана со европски пари. Затечената состојба со водоснабдувањето е тешка и главно се сведува на еден вентил, кој одредува кој ќе ја користи водата за пиење и наводнување тој ден. Селаните додуша си имаат направено ред, и како што обично бива во таквите средини, ретко кој се осмелува да го прекрши. Јасни се и некои други вредности - дека новодојденците не смеат да ги закачаат локалните девојки, и дека треба да го почитуваат туѓиот имот, без оглед дали се тоа ниви или коњи.
Германците се силни мажи во своите најдобри години, испечени од сонцето, подготвени да работат но и да пијат. Кога излегува дека доставата на чакалот доцни, а и дека нема вода за мешање на бетонот, тие почнуваат да се досадуваат, да се ѕенѕаат низ местото и со своето присуство да ги дразнат локалните жители. Ситуација која е многу реална, и блиска на секој оној кој доаѓа од мало место во кое во некој момент стапнала нога на туѓинец.
А искуството со германските туѓинци во ова бугарско место е главно врзано со Втората светска војна. Сепак, не сите се трауматизирани од истото. „Спастрени, уредни, дисциплинирани“, ги опишува германските војници еден од селаните, кој не бил ни роден во времето за коешто зборува. Има и такви кои зборуваат малку „немски“ затоа што биле на печалба во Германија. На почетокот се потребни како преведувачи, но понатаму дејството се развива и без нивно присуство, со разбирачка која се одвива меѓу редови, со гестови и говор на телото, или просто со молчење.
Главниот лик е Мајнхард, најтивкиот и најмистериозен работник, одговорен за багерите. За разлика од останатите, тој во секој момент го задржува своето достоинство, и го почитува она на локалците. Го викаат „Легионерот“ затоа што наводно бил во војска во Ирак и Авганистан, иако не е јасно дали ова е вистина. Негово алтер-его е Винсент, арогантен шеф на групата, кој гледа да ја заврши работата за којашто дошол, без оглед на можните штети, и по односите со колегите, и со селаните.
Насловот на филмот е секако ироничен. Во овој „вестерн“ нема добри и лоши момци, или барем не на класичниот начин. И помеѓу Бугарите има изнудувачи и профитери, а Германците често се однесуваат нецивилизирано, иако ги сметаат другите за примитивни. Тензијата којашто виси во воздухот на моменти е пред експлозија, во друга изгледа како амортизирана од прекрасниот пејзаж и од „бирата“. Голем број од селаните се натуршчици, што додава на автентичноста на атмосферата. Токму поради тоа целиот филм делува како етнолошки документарец, за кој ни оној што го снима не е сигурен во кој правец ќе тргне. Таквите рачвања на дејството во филмот има неколку, тие драматично го нарушуваат селскиот спокој, за веднаш потоа тишината повторно да слегне врз пределот, кој може да е лоциран каде и да е.
режија: Валешка Гризебах
Илина, Букбокс