Букбокс гледаше: „Купе број 6“ (2021)

Добитникот на Гран при во Кан зборува за предели во кои среде студенилото и мразот сепак се случува топла човечка приказна. 

Доживувањето на одреден филм многу зависи од тоа во какви услови сте го гледале. Ако тоа е вечер во која ветерот носел гранки низ градот, а силниот дожд удирал по покривот, тој (филмот) станува некој вид дом во дом, место на кое човек се чувствува безбедно, како во вагон среде снежна бура, особено ако таму се случува топла и оптимистичка приказна. 

На почетокот на „Купе број 6“ ништо не ветува дека ќе биде така. Среде руска зима, Лаура, студентка од Финска која студира археологија во Москва, го напушта домот на својата професорка и љубовница, Ирина, и се качува на воз за Мурманск. Со себе носи монографија за мурманските петроглифи - збирка цртежи на карпи за кои се претпоставува дека датираат од неолитот. Всушност, нивното вистинско име е „петроглифи од Канозеро“, бидејќи тие се наоѓаат на остров во езерото Канозеро на полуостровот Кола, во мурманската област.  

Овие нијанси и логистичките последици кои произлегуваат од нив не ѝ се баш јасни на Лара, која во возот влегува некако неорганизирано и нерадо, чувствувајќи дека Ирина откажувајќи се од патот всушност сака да ја откачи. Ова чувство на нелагодност уште повеќе и’ се засилува, со оглед на цимерот во купето број 6 - Љоха, истетовиран дечко со избричана глава, кој со првата свирка за поаѓање на возот почнува да цепа вотка и колбаси и агресивно да поставува прашања. „Што бараш во Мурманск, да не си ја продаваш путката?“. Кога таа се обидува да му раскаже за петроглифите, тој останува со подзината уста. Кој нормален (па уште и сама девојка) би се упатил на толку долг пат за да гледа некакви камења? 

Но кога по телефонскиот повик од станицата во Санкт Петербург, каде возот прави пауза, Лаура сфаќа дека не е добредојдена назад во Москва, таа ги стега забите и продолжува со патот. Она што следи критичарите го нарекуваат „многу не-американски еквивалент на ’Пред изгрејсонце’“ на Линлејтер, со Итан Хок и Џули Делпи. Но јазот помеѓу главните ликови во овој филм е многу поголем отколку помеѓу Џеси и Селин во возот од Будимпешта до Виена, а исто толку различен е и контекстот. Во рускиот воз нема вода во ВЦ-то, кондуктерката не ѝ помага на Лаура да најде друго купе („Мислиш имаш избор?“), а единствените сцени кои ги гледаме низ валканите прозорци се или снежна бура, или баби кои на станиците чекаат со торби преполни тегли зимница. 

Откако се помирува со немањето избор, Лаура му се предава на текот на настаните и до крајот на патот, а и до крајот на филмот, нејзината блискост со цимерот се зголемува. Тој покажува и отворена љубомора кога во купето ќе влезе трет човек, навидум фин Финец со гитара. Но нештата стануваат трогателни (не и лигави) кога Љоха, и покрај сета опасност од таквиот потфат (ветер, разбранувано море), во Мурманск организира нејзина посета на петроглифите откако сите останати ја одбиваат и ѝ велат да дојде на лето. Стоејќи над илјадници години старите цртежи таа, исто како и ние, сфаќа дека во нив навистина нема нешто посебно магично, а дека таков е само патот којшто ја донел до тука. 

 

Илина, Букбокс

4 април 2022 - 08:26