14 век во Франција. Жан де Каруж е професионален војник-вазал кој за својот господар, Пјер д’Аленсон, се бори во неколку кампањи против Англија и силите на Отоманското царство, и за своите постигнувања ја добива титулата витез. Но неговото име веројатно би било на маргините на средовековната историја да не бил учесник во последниот судски дуел (duel judiciaire) во Франција. „Судски“ се нарекува затоа што не станува збор за обичен двобој помеѓу двајца опоненти, туку за законски санкциониран метод на донесување „пресуда“ кога не постојат сведоци. Така, победникот во двобојот истовремено се прогласува и за победник во судскиот спор, за оној кој ја кажува вистината, заштитен од Бога поради својата исправност.
Оваа подзаборавена приказна ја раскажува нов филм на Ридли Скот, „Последниот двобој“, направен врз основа на истоимена историска книга од 2005 на Ерик Џегер. Каруж, кого во филмот го игра Мет Дејмон, во рамки на судски процес воден од тогаш сосем младиот крал Шарл Шести, го предизвикува на двобој Жак Ле Гри (Адам Драјвер), војнички другар и кум на неговото дете од првиот брак, коешто починало на рана возраст. Ова е кулминација на постепеното трупање на нетрпеливост помеѓу нив, предизвикано од фактот што Ле Гри, иако ретко учествува во битки, поради својата писменост е постојано унапредуван и наградуван од заедничкиот господар. Првиот конфликт се случува за земјиште коешто најпрвин му е ветено на Каруж, но го добива Ле Гри. Вториот конфликт е поради титулата капетан којашто Каруж би требало да ја наследи од својот починат татко, но всушност му е доделена на помалку заслужниот Ле Гри. Капката што ја прелева чашата е обвинувањето на новата сопруга на Каруж, Маргарита (ја игра Џоди Комер), дека во момент кога бил сама дома, Ле Гри ненајавено ја посетил и ја силувал.
Во филмот приказната до овој момент ја следиме низ три последователни агли, онака како што ја доживеале трите главни ликови. Споени, тие покажуваат мали разлики, не толку во фактите, туку во начинот на однесување на инволвираните. Во верзијата на Ле Гри, Каруж реагира агресивно и со пцости на неговите унапредувања, навредувајќи го дури и сопствениот феудален господар. Во верзијата на Каруж, тој само се обидува да си го сочува достоинството и да ја истера правдата. Во верзијата на Ле Гри неговата приврзаност кон Маргарита е базирана не само врз физичка привлечност (таа е навистина убава), туку и врз тоа што таа е меѓу ретките писмени жени во тоа време, начитана и со познавање на неколку јазици. Во неговите очи тој не ја „силува“ туку ѝ го нуди она што таа не може да го добие дома од примитивниот и неписмен сопруг.
Со оглед на акционите сцени, фокусот на филмот навидум е повеќе на страната на машкиот свет и суровата борба за моќ во него. Сепак, полека станува јасно дека вистинската тема е положбата на жената во таквиот свет, во кој всушност таа и не може да се јави како тужител за силување, бидејќи се смета за „имот“ на својот сопруг. Маргарита многу ризикува со тоа што му ја кажува вистината, бидејќи тој може да ја убие за неверство и да не одговара за тоа. Сепак, мотивиран и од претходните конфликти со својот опонент, тој одлучува да се бори на живот и смрт со него, иако влогот е огромен и двоен - не само што тој може да загине и на тој начин да го загуби и животот и спорот, туку и жена му во тој случај би била мачена и на крај изгорена на клада.
Скот во филмот создава впечаток дека силувањето сепак се случило - и во верзијата на Ле Гри и во онаа на Маргарита. Во историските документи „вистината“ се изедначува со победата на една од страните во дуелот и таквата разврска не се доведува во прашање. Името на Маргарита речиси и да не се спомнува. Дали последниот дуел во историјата сепак се водел мотивиран од други нешта а не од конкретниот настан, останува отворено прашање.