Филмот „Војводата“ на Роџер Мичел (најпознат по „Нотинг Хил“), со Џим Броудбент и Хелен Мирен, е шармантна приказна, која станува уште посимпатична кога ќе се надополни со онаа вистинската. Главниот лик, Кемптон Кенон Бантон (1904-1976) бил британски пензионер кој во 1961 oд Националната галерија во Лондон ја украл сликата на Франциско Гоја, „Портрет на војводата од Велингтон“, која самошто била купена за сума од 140.000 фунти (скоро 200.000 евра, кои денес би изнесувале два милиона). Откупот на сликата од богатиот американски колекционер Чарлс Бирер Рајтсман, нафтен бизнисмен, за таа да не ја напушти Британија, предизвикал големо медиумско внимание. Но Бантон не бил воодушевен - како поранешен возач на автобус тој со својата пензија не можел да си дозволи ни телевизиска претплата (неколку пати бил во притвор затоа што одбивал да плати радиодифузна такса). Според него власта истите пари можела да ги вложи во попаметни проекти, како на пример да обезбеди бесплатни услуги за пензионерите и оние со хендикеп.
Според неговите искази пред полицијата и судот, Бантон ги проучил системите на обезбедување на галеријата кои рано наутро биле деактивирани поради чистење, оставил отворен прозорец од тоалетот и во одреденото време влегол и ја украл сликата. Иако полицијата најпрвин претпоставувала дека е во прашање обучен професионалец (или цела група), тој со писмо испратено до агенцијата Ројтерс се понудил да ја врати сликата. Но под два услова: власта да ги уплати истите средства во добротворни сврхи, за бесплатни телевизиски дозволи за посиромашните, и тој да биде амнестиран. Ова барање било одбиено.
Во 1965, четири години по кражбата, Бантон контактирал весник и преку одделот за загубен багаж на железничката станица Бирмингем ја вратил сликата. Шест недели подоцна се предал на полицијата, која најпрвин го отфрлила како осомничен, сметајќи дека 61-годишен маж со тежина од 110 кила не би можел да ја изврши кражбата. Во текот на судењето Бантон се држел како стенд-ап комичар, шармирајќи ја поротата па дури и судиите, истовремено промовирајќи ги своите социјални гледишта. Веќе не било можно тој да се осуди за кражба, бидејќи сите елементи укажувале на тоа дека тој само ја „позајмил“ сликата, користејќи ја како начин за привлекување медиумско внимание. Всушност, многу години подоцна било откриено дека тој само го штител својот син, кој бил вистинскиот крадец.
Иако кога починал Бантон веќе не бил толку познат како во времето на судењето, преку новиот филм на оваа тема приказната се актуелизира, заедно со дополнителни детали од семејниот живот на Кемптон. Тој завршува со референца од филмот „Др. Но“ со Џејмс Бонд од 1962, каде се појавува копија на портретот на Војводата, насликан од легендарниот продукциски дизајнер Кен Адам, кој исто така на времето бил украден. Кој знае, можеби ќе следи филм и за оваа кражба која би ги поврзала двата настана.