Во 1971 американскиот фотограф В. Еуџин Смит (Џони Деп), познат по своите фото-есеи објавувани во списанието „Лајф“, и практично пионер на жанрот, е во здравствена и финансиска криза. Поради нестабилниот и избувлив карактер уредникот одбегнува да го ангажира, а болките од претходна сериозна повреда здобиена додека ја фотографирал битката за Окинава во 1945 не се стивнати. Постојано е на апчиња и на алкохол, а кај себе речиси и да нема фотографска опрема - продал сè за да ја подмири алиментацијата за своите четири деца.
Во таков момент кај него доаѓа екипа испратена од Фуџи филм, за реклама во која Смит треба да изјави дека „колор филмовите на Фуџи се најдобрите на пазарот“. Колку и да сака да им ги земе парите, тој не може да го каже ова, од една проста причина - што никогаш немал направено фотографија во боја. Но таа средба ќе го доведе до неговата следна сопруга, и до сторија која ќе биде негова последна за „Лајф“.
Станува збор за градот Минамата во Јапонија кој е бавно но систематски труен од хемиска компанија под име Чисо. Таа исфрла жива во водата, во ова рибарско место во кое затруениот улов е главна храна. Симптомите, кои личат на церебрална парализа, вклучуваат невозможност за координирано движење, слабост на мускулите, губење на видот, а во екстремни случаи лудило, кома и смрт.
Бидејќи е прв пат регистрирана во овој град, болеста го добива името „Минамата“. Долгогодишното складирање на отпадот од хемиската фабрика во водите дополнително ја влошува состојбата, па ваквата болест, како и смртта не само на луѓе, туку и на домашни животни, продолжиле во тек на 36 години. Невролошките симптоми кај мачките, на пример, биле толку драстични што за нив се велело дека имаат „танцувачка треска“. Фабриката и локалните власти, иако свесни дека нешто се случува, со години ги минимизирале последиците, сведувајќи ги на нуспојава од производството на вештачки ѓубрива, кои според нив пак овозможувале поефикасно производство, и оттаму спасувале животи. Дополнително, во самата локална заедница имало поединци кои се плашеле од затворањето на фабриката која им овозможувала вработување.
Смит успева да ја добие довербата на локалното население и да ги фотографира болните и протестите на семејствата пред фабричкиот круг. Во еден момент неговата импровизирана лабораторија е запалена, и изгледа дека негативите се загубени, како и битката. Овие пресврти се и најслабите моменти во филмот, кога режисерот (и дури четворицата сценаристи!) со сила нè држат во неизвесност дали Смит ќе ги земе парите од корпорацијата и ќе се завети на молчење (нешто за што нема докази дека навистина се случило во реалната приказна) или сепак ќе оди до крај. Во филмови направени врз основа на историски настани тегнењето со вакви дилеми нема поента, бидејќи крајот и онака го знаеме. Моќта на фотографијата во време пред софистицираните филмски камери, онаа со аналоген филм кој лесно се губел или уништувал, била неверојатна. Токму фотографиите на Смит помагаат да се заврши долгогодишното судење против компанијата, која морала да ги покрие медицинските трошоци на пациентите, како и да овозможи повторно заживување на риболовот. Владата конечно почнала да го чисти заливот Минамата во 1977, но водата се сметала за небезбедна до почетокот на 2000-тите.
Официјално биле регистрирани над две илјади пациенти со болеста Минамата, од кои до 2000-тата речиси сите починале. Сепак, голем број семејства ги криеле своите болни. Фотографијата на болната Томоко и нејзината мајка која ја капе е една од најпознатите и најтрогателните во историјата на фотографијата. Штетата направена од страна на властите и на компанијата до денес се рана на јапонското општество. Во 2006, на 50-годишнината од првите заболени, во локалниот Музејот на болеста се собрале над 600 луѓе, вклучително и претседателот на Чисо и Министерот за животна средина на Јапонија.
Илина, Букбокс