Букбокс гледаше: „Скала“ (2021)

Романски филм, кој низ сложен преплет на историски и интимни драми, ја раскажува вистинската приказна за животот на Драгош Паслару, познат актер од времето на 1990-тите, кој по бурните настани поврзани со падот на Чаушеску станува отец Валеријан.

„Скалата е иста. Јас сум на најдолниот праг, а ти си погоре, некаде на тринаесетиот. Така гледам на тоа. Но исто е. Апсолутно исто. Секој на најдолниот праг е осуден да се искачи на најгорниот.
- Тогаш подобро воопшто да не тргне по тој пат.
- Секој кој може да одолее, треба да го стори тоа.
- А ти, можеш ли?
- Мислам дека не.“

(„Браќа Карамазови“, трета книга, поглавје 4)

Андреј е младич во најдобрите години, полн со ентузијазам, енергија и талент за актерство. Тој се сели од провинцијата во Букурешт со бремената сопруга, и иако дотогаш нема играно во професионални претстави, набргу добива ангажман во нова поставка на „Браќата Карамазови“. Годината е 1986, а првата реплика-размена помеѓу возачот и новопристигнатиот директор на театарот е:

- „Другар директор, што мислите за злото што може да нè надвие?“.

- „Зло? Зошто?“, прашува тој.

- „Атомска централа експлодирала кај Русите, кај Чернобил. А облакот оди право кон нас“.

Со ваквото „кроки“ и симболично исцртување на напнатиот историски миг, филмот нè воведува во функционирањето на театарот, како и во ликовите на актерите, и суптилно укажува на начинот на кој нивните реални карактери се поврзани со оние од претставата. Кога режисерот ги дели улогите, тој дури и не мора гласно да каже кој ја добил онаа на хедонистот Дмитри - актерот помеѓу колегите познат како женкар и мераклија самиот станува да си го поземе текстот. Како и во други комунистички земји од тој период, секој уметнички проект мора да помине низ различни степени на одобренија, најпрвин внатре институцијата, а потоа и кај повисоките „органи“. Ова особено важи за дело на Достоевски, кое зборува за Бог и верата. Иронично, но извршниот директор на театарот, чија единствена функција е да НАБЉУДУВА што се случува и да известува, во филмот е слеп. Ова е „слепило“ на системот, неподготвен за ветерот на промените кој полека ги поткрева завесите на театарот и набргу почнува да фучи и низ улиците на Букурешт. „Карамазови“, по почетните проби, најпрвин е забранета, за на крајот повторно триумфално да се постави на сцената.

Низ овој процес ги следиме и внатрешните прекршувања на Андреј (понекогаш непотребно драматизирани, баш театарски), во кој се борат најмалку два лика - оној кој е веќе на тринаесетата скала на грешноста и сензуалноста, и оној кој сведочејќи го организираното рушење на цркви и прогон на свештенството (меѓу кои и на сопствениот татко) чувствува дека е повикан да стори нешто во врска со тоа. Нeговиот политички ангажман навистина ќе му го промени животот, со тоа што после здобиените повреди во текот на протестите од 1990, ќе се повлече во манастир.

Иако не е биографски, филмот во голема мерка се базира на вистинскиот лик на Драгош Паслару, еден од најпознатите романски ТВ и театарски актери од времето на 1980-тите. Во текот на романската револуција, тој бил помеѓу најагилните поддржувачи на протестите против комунизмот и за соборување на Чаушеску, учествувајќи во маратонски митинзи и држејќи говори. На 14 јуни 1990 е брутално претепан од страна на рударите кои биле донесени од внатрешноста од страна на претседателот Јон Илиеску, заради наводно „воспоставување ред и демократија“ во главниот град (настани кои денес се познати како „Минеријади“). 

Едвај извлекувајќи се од кома, Паслару неколку месеци подоцна се откажува од театарот и од семејството и станува монах под името отец Валеријан, во манастирот Фрасинеи, југо-западна Романија. Денес има 70 години, и соработувал со неговиот долгогодишен пријател, режисерот Влад Паунеску, во конципирањето на филмот. За сценариото изјавил дека е добредојдено и за постарите, но особено за новите генерации, кои често немаат јасна слика за историските скалила низ кои поминале нивните предци, во потрага по подоброто.

(филмот е достапен на ХБО)

Илина, Букбокс

1 март 2022 - 08:24