
Во Берлин е отворена изложба што покажува необичен аспект на Источна Германија — односот на државата кон раѓањето на видео-игрите. Иако таа со години важеше за параноична и контролиранa, се испоставува дека Германската Демократска Република (ГДР) ги прифатила компјутерските игри со неочекуван ентузијазам.
Во 2019 година, берлинскиот Музеј на компјутерски игри откри примитивна конзола налик на „Понг“, направена од стари електронски делови и пластични кутии за сапун. Подоцна се најдени уште неколку вакви уреди, заедно со списанија што нуделе упатства како граѓаните самите да направат своја верзија на популарната западна игра.
Ова откритие ја руши претпоставката дека видео-игрите биле потиснувани на Истокот. Напротив — во некои случаи долгата рака на државата, па дури и Штази, им давала поддршка. На пример, единствениот источногермански автомат за игри, Поли-плеј, бил развиен со помош на стручњаци од тајната служба, кои имале техничко знаење за програмирање.
Поли-плеј нудел игри инспирирани од западни класици, но без насилство — наместо „Пекмен“, постоел „Зајак и Волк“, а стрелачките игри биле претворени во „мирни“ варијанти. ГДР сакала да се прикаже како мирољубива земја, па законите забранувале било какви „повици на насилство“.
Истовремено, низ земјата се формирале клубови за млади ентузијасти кои самите учеле програмирање и создавале игри. Дел од нив биле тајно надгледувани од Штази, но државата исто така гледала во нив потенцијал — можеби токму овие млади ќе ја развијат идната домашна микроелектроника.
Во контекст на Студената војна, оваа појава е парадоксална: додека Западна Германија ограничувала пристап до игри поради страв од зависност и насилство, Источна Германија — и покрај цензурата и надзорот — покажувала извесна отвореност кон новата технологија и креативниот дух на младите.
Изложбата „Игри на Студената војна“ може да се посети во Алиертенмузеум во Берлин до 30 јуни 2026 година.
Види претходно: Кога тајната полиција пишувала поезија