- Овој месец Илика започнува есенски книжевен кружок што ќе трае до крајот на годината. Фокусот е ставен на млади македонски автори, а опфатени се три прозни книги.
- Првата средба ќе се одржи на 30 октомври кадешто ќе се разговара за „Каде леташ Јулија?“ од Хана Корнети. Втората средба е на 20 ноември и ќе биде посветена на „Потклек“ од Љупчо Петрески. Третата средба е на 11 декември, за книгата „Наназад“ од Стефан Алијевиќ. Сите средби се во кафе-книжарницата Илика со почеток од 18 часот.
- Сите што сакаат да учествуваат се поканети да ја посетат книжарницата и да го набават пакетот подготвен специјално за членовите на кружокот. Во торбичката се сите три книги а на средбите следува и по еден бесплатен пијалак.
- Пред премиерите и пошироката дистрибуција на Нолановата „Одисеја“, Харперс Базар објавува водич за сите 108 додворувачи на Пенелопа кои упорно чекаат таа да избере друг сопруг, во отсуство на нејзиниот Одисеј. Не дека и Хомер им доделил на сите кој знае какво внимание, но добро е да се знаат барем неколкумина за подобро следење на дејството.
- Антиној е главниот иницијатор за заговорот против Одисеј и неговиот син Телемах. Тој е оној кој предлага да се убие Телемах за да се осигура дека престолот на Итака ќе остане слободен. Груб и арогантен, тој ја претставува аристократијата во надолен пад, раководел од алчност а не од вистинска љубов. Го игра Роберт Патисон.
- Евримах е благородник од Итака кој се претставува како харизматичен и шармантен, но е дволичен, учествувајќи во заговорот со Антиној да го убие Телемах и спиејќи со слугинката на Пенелопа за да добива информации.
- Полибиј е многу помудриот татко на Евримах, еден од последните кои ќе преживеат во конечната битка. Ќе биде убиен од свињарот Евмај.
Останатите на линкот.
- Новозеландскиот актер Сем Нил, кој светската публика најмногу го памети по улогите во филмовите „Паркот Јура“ и „Пијано“, почина во Сиднеј на 78-годишна возраст. Во објава на неговите профили на социјалните мрежи, семејството наведе дека смртта била „ненадејна и неочекувана“. Нил во 2023 година откри дека му бил дијагностициран ангиоимунобластичен Т-клеточен лимфом, редок и агресивен вид на не-Хочкинов лимфом. По лекувањето со терапија со генетски изменети Т-клетки, во април оваа година соопшти дека повеќе нема траги од болеста.
- Во текот на својата богата кариера Сем Нил важеше за еден од најразновидните и најпрепознатливите актери од Нов Зеланд. Со леснотија настапуваше и во авторски филмови и во големи холивудски продукции. Најголема светска слава стекна со улогата во „Паркот Јура“, а во филмот „Пијано“ го толкуваше сопругот на ликот што го играше Холи Хантер.
- Тој припаѓаше на генерацијата актери и режисери кои стекнаа меѓународна афирмација по подемот на австралиската кинематографија кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век. Иако целиот свет го доживуваше како новозеландски актер, неговите корени се во Северна Ирска. Роден е во 1947 година во градот Ома, во округот Тајрон, каде што неговиот татко, офицер во Ирската гарда и по потекло Новозеланѓанец, бил распореден на служба.
(фото: EpaImages)