Мрачните сценарија за сериски убијци и неразрешени мистерии привлекуваат дополнително внимание ако се базирани на вистински случаи. Копродукцијата помеѓу Скај и ХБО, мини-серијата во четири продолженија „Градинари“ (Landscapers) e токму тоа, иако целиот случај е толку тазе, што речиси можете да ја помирисате земјата во која биле закопани труповите. Тие им припаѓале на Патриша и Вилијам Вичерли, на 63 односно 85-годишна возраст, а биле убиени со огнено оружје во својот дом во Менсфилд во Британија во мај 1998. Звучи неверојатно, но остатоците кои биле закопани во градината на куќата (оттаму и ироничниот наслов на серијата) биле откриени дури во октомври 2013.
Иако Сузан и Кристофер се веќе осудени, тие до денес тврдат дека се невини. Серијата остава простор за сомнеж за тоа како навистина течеле нештата, прикажувајќи ги не како во вообичаените „тру крајм“ филмски дела, преку реконструкција на настаните, туку преку хипнотички, надреални сцени. Во нив реалноста се меша со фантастичниот внатрешен свет на Сузан, која е опседната со вестерни. Токму на стари постери и други џиџи-миџи поврзани со холивудските вестерни биле и потрошени најголемиот дел од 245.000 фунти кои Сузан ги подигнала од сметката на родителите по нивното убиство, откако ја продала и нивната семејна куќа.
Во верзијата на вистинските Сузан и Кристофер, при семејна кавга мајката Патриша си го убила сопругот, а Сузан потоа во гнев ја убила мајка си, без предумисла. Во оваа верзија Кристофер воопшто не е присутен таа вечер во домот на Вичерлиеви. Дури подоцна тој е повикан од страна на Сузан да ги закопа телата.
Оваа нивна приказна сепак се покажува како недоволно издржана, особено имајќи предвид дека Сузан како мала била сексуално злоставувана од татка си, и според нејзини искази никогаш не била сакана од страна на обата родитела. Ова, заедно со финансиските импликации, укажуваат на можноста целата работа да била однапред и заеднички планирана.
Оливија Колман во улогата на Сузан и Дејвид Тјулес во улогата на нејзиниот сопруг се навистина одлични и нивното присуство го пополнува понекогаш бавното дејство. По третата епизода човек се прашува каде ќе тера режисерот раскажувајќи толку долго и на широко една навидум едноставна приказна. Тогаш следи изненадувањето со жанровското преплетување, на крими приказната со вестернот, и реалноста со сонот. Иако се во различни затвори, новинарите кои по премиерата на серијата разговарале со вистинските Сузан и Кристофер, велат дека тие се уште се сакаат.
Илина, Букбокс