Пред реални шоу програми како „Големиот брат“ или „Опстанок“, на јапонската телевизија одела емисијата „Денпра Шонен“ (Луда младина) во која учесниците биле ставани во екстремни ситуации. Но нејзиниот продуцент Тошиба Тсучија сакал и повеќе, и поекстремно. Во 1998 смислува нов формат на истата емисија, „Живот на купони“, во која учесникот треба да живее сам и гол во мал стан, а притоа да преживува од наградни купони од списанија кои во тој момент се популарни во Јапонија.
На аудицијата се пријавуваат голем број кандидати, но „среќа“ има Томоаки Хаматсу со прекар Насуби (Модар патлиџан) кој воопшто не знае што му се подготвува, затоа што премисата на шоуто е тајна. Му ги врзуваат очите и го носат во собата, барајќи од него да го прекрши ветувањето дадено кон родителите - дека што и да прави во замислената кариера, никогаш нема да се соблече гол.
Премолчувањето на тоа што треба да прави е една работа, но многу пострашно е што Насуби мисли дека снимките во моментот се само за интерна употреба и дека продуцентите допрва ќе одлучуваат што од тоа ќе оди на телевизија. Всушност, целиот негов живот во следните 15 (?!) месеци се емитува на ТВ мрежата Нипон, каде го следат милиони луѓе, вклучително и неговото семејство.
Сето ова е опишано во нов документарец под наслов „Учесникот“ (The Contestant) на британската режиесрка Клер Титли. Во него се користат архивски снимки, медиумски известувања и интервјуа со Насуби и со продуцентот, кој од Бог, по откривањето на вистината за проектот, за учесникот станува црн ѓавол. Не е лесно да се гледаат оригиналните снимки во кои тој буквално се бори за живот, трескавично популнувајќи купони и очекувајќи што ќе му се падне. Ѕвончето на доставувачот може да значи седум килограми неварен ориз (во станот нема садови за готвење) или сува кучешка храна („ммм, вкусно“...вели Насуби грицкајќи ги како кикирики). Неговите гениталии на почетокот се покриени со црна точка, но подоцна со оглед на прекарот и соодветниот облик, со цртеж на модар патлиџан. Претпоставката е дека од тука влече потекло и емоџито за овој зеленчук, кој во интернет сленгот означува токму тоа - машки пенис.
Насуби, по маките низ кои поминува, вели дека некое време ја имал загубено вербата во човештвото. Не можел да сфати како 17 милиони луѓе можеле да го гледаат и да се смеат на нешто што очигледно не било смешно. Но најчудно е следново - тој никогаш не потпишал договор, ниту пак бил затвореник во вистинската смисла на зборот. Вратата од станот била отворена. „Зошто не замина?“ - било често поставувано и логично прашање по завршувањето на шоуто. „Бев гол“, вели тој, „а и такви сме ние Јапонците, учени сме да издржуваме“.
Последниот дел од филмот зборува за начинот на кој Насуби конечно станува вистински учесник во сопствениот живот, наоѓајќи смисла во потфати за повисока цел. Никогаш не признава дека шоуто било грешка, напротив, вели дека сега подобро ја разбира смислата на животот. Се надеваме дека не мора секој од нас да помине низ ваква „катарза“ за да стигне до истото сознание.
Илина, Букбокс