Телониус Елисон, со за џезерите многу логичен прекар „Монк“, е средовечен професор по книжевност, „алергичен“ на левичарска прогресивност која од него, со оглед на неговата боја на кожа, очекува да се придржува до политичката коректност која белите ја имаат дефинирано за „неговите“. Критиката високо ги оценува неговите романи, но продажбата оди тешко. Најнова книга, базирана на старогрчката митологија, не може да најде издавач бидејќи не му е доволно „црна“.
Кога влегува во спор со студентка и таа го пријавува кај надлежните, тие му нудат „привремен одмор“ за да може да присуствува на книжевен фестивал во својот роден град, Бостон. На неговиот панел нема речиси жива душа, а причината е што во соседната свое читање има Синтара Голден, црна колешка, чиј бестелер е со ударен наслов - We's Lives in Da Ghetto.
На Монк полека му станува јасно што е играта, а кога мајка му треба да се смести во скап приватен дом, тој веќе е подготвен и да ја игра. Пишува сатиричен роман под наслов „Мојата пафтологија“ која ги содржи сите можни клишеа кои се очекувани од црни автори - насилство, дрога, тешко детство, црнечки сленг. Откако издавачот преку агентот му нуди огромна сума пари, тој почнува да се претставува како поранешен затвореник и оди и чекор понатаму, барајќи насловот на книгата да се смени во - Фак! Набргу се јавуваат заинтересирани и за филмските права, а јавноста е опседната со прашањето - кој е всушност Стаг Ли?
Режисерот Корд Џеферсон, кому ова му е филмско деби, претходно го познаваме по неговото авторство на 10 епизоди на одличната серија Master of None на Нетфликс, која исто така се занимаваше со расната реалност (во случајот со комичар од индиско потекло). Можеби поради неговото претходно занимавање со серии, и оваа изгледа како да требало да се подели на неколку епизоди кои појасно би ги прикажале двете паралелни стории - онаа на книжевниот „успех“ на Монк и предизвиците низ кои паралелно поминува неговото семејство, кои имаат врска со старост, сексуална определба и генералната економска неизвесност а не со бојата на кожата. Нештата уште повеќе ги комплицира финалето, кога го сфаќаме и мета-аспектот на приказната со неколку верзии со кои може да заврши. Но автоиронијата на црни автори кои се потсмеваат на лукративноста и вината на белците во нивното претставување во популарната култура е предобра за да се пропушти.
Илина, Букбокс