Шест души стојат над отворено пијано, допирајќи ги жиците. Седмиот на него фаќа акорди кои такви, пригушени, звучат како да доаѓаат од инструмент за кој сè уште не е измислено име. Почнуваат да хармонизираат бавна мелодија, и така, наведнати со испружени раце, личат на учесници во таен обред на повикување духови.
Вака почнува документарниот филм „Ефтеркланг: Македониум бенд“. Него е најдобро да го гледате, исто како и потписникот на овие редови, како со години да сте живееле под карпа. Да не знаете ништо за групата од Данска со 20-годишна кариера, за нивниот проект во Македонија и концертот кој во април минатата година го одржале во Крушево пред споменикот Илинден. Така најдобро ќе ја доживеете целосноста на приказната, која е многу повеќе од музичка, а тешко се опишува и со студениот термин „колаборативна“, кај нас навлезен преку проектните терминологии кои го имаат исцедено од неговиот благороден потенцијал.
Каспер, Матс и Размус, поради нешто опседнати со сликата на споменикот кој истовремено потсетува на џиновско срце и на вселенски брод, доаѓаат во Македонија со само една бас гитара. Со помош на екипа од МКЦ организираат отворен повик за локални музичари, собирајќи шестмина искусни инструменталисти и женски хор. Филмот ги следи нивните подготовки, од увежбувањето на песните, преку потрагата по гулаби кои би биле пуштани на концертот, посетата на вила Водно каде претседателот добива подарок - чорапи, до разговори во кола со домаќинот Грга за кредити, смислата на животот и потребата од сонување.
Kулминацијата се случува на 30 април со нешто што личи на магичен flower power собир на кој луѓето „напраени“ од прашокот на крушевскиот локум се држат за раце, играат танго и плачат од среќа, затоа што знаат колку тие мигови на разбирачка и среќа се скапоцени.
Режисерот Андреас Јонсен со многу такт го одбегнува она за што би можел да нè критикува - флеките од протечените ѕидови во Македониумот остануваат во позадина, со само патемно фатениот зачуден поглед на музичарите кон нив, а зум-кадрите со паднатите парчиња од надворешната фасада на споменикот повеќе личат на кубизам - на естетски, а не на социјален коментар. Тој во центарот ги поставува луѓето, оние кои се нафаќаат на соработка следејќи го мотото на филмот - цитат од Тоше Проески: „Креативниот процес е како патување во непознатото, каде секоја песна е нова дестинација која чека да биде истражена“.
Тоа патување навидум завршува во Крушево, но со овој документарец всушност допрва почнува. На 23 март се случи светската премиера, проследена со концерт со 25-те учесници, овации и развиорено оро низ Концертхусет во Копенхаген, на чиј ритам цупкаат повеќе од илјада луѓе.
„Замисли умреш, а не си се осудил да направиш нешто вакво“ - вели басистот на бендот во автобусот кој се враќа од Крушево кон Скопје. „Ефтеркланг“ на дански истовремено означува сеќавање и оддек. Ехото на овој проект ќе одекнува уште долго, преку 18-те проекции во Данска кои следат и македонската премиера на Синедејс на отворањето на фестивалот во јули.
Hold yourself to yourself
Hold me close when you can
And it floods and it builds
And you can't go on
Even love is a string
Let us rush to the spring
Македониум се:
Мартина Баракоска - тапани
Дина Јашари - вокал, укулеле
Ива Дамјановски - теремин, поезија и вокал
Јане Трајковски - гитара
Стефче Стојковски - кавал, гајда, тамбура и тапан
Дејан Спасовиќ - уд и кемане
Женскиот хор при МКЦ под диригентство на Сашо Татарчевски
Илина, Букбокс
* фото: Флеминг Бо Јенсен