Во 1975 Дајана Најад стана медиумска ѕвезда во САД кога успеа да исплива 45 километри околу Менхетен, при што со време од 7 часа и 57 минути го сруши 45 години стариот рекорд. Една година откако рестрикциите за патување од времето на Кенеди биле укинати, во 1978, таа се обидела да исплива од Хавана до Ки Вест, и тоа во метален кафез против ајкули. Откако во вода поминала повеќе од 42 часа, докторите ја извлекле од водата поради силните западни ветрови кои ја туркале во погрешен правец и ја удирале од кафезот.
Новиот филм на Нетфликс, „Најад“, со Анет Бенинг во улогата на Дајана и Џоди Фостер како нејзина пријателка и тренер, почнува во моментот кога Дајана има 60 години и неисполнета амбиција да го комплетира она што ветровите и ајкулите не ѝ го овозможиле кога била помлада. Потфатот изгледа невозможен, особено со оглед на нејзината возраст и паузата од триесет години во тренирањето. Единствен кој верува во неа е нејзиниот мал но посветен тим, составен од локални кајакари, медицинска сестра и капетан - стар морски волк, кој изгледа како излезен од книга на Хемингвеј. Она што следи е горе-долу стандарден филм за спортски потфати кој истовремено служи и како метафора за тоа дека ништо не е невозможно, кога бескомпромисно се работи на тоа и кога се сака.
Режиран од Џими Чин и Елизабет Чаи Васарели, ова е прв игран филм на дуото по нивните наградувани документарци за исклучителни спортисти (нивен е оскаровецот „Фри Соло“). Бенинг и Фостер веќе се спомнуваат како можни кандидатки за Оскар за своите улоги. Нарцисоидноста и екстремната упорност на првата која ги занемарува сите околу себе (а како инаку се плива 53 часа?) се балансира со топлината и пожртвуваноста на втората. Ги сведочиме мачните подготовки, и уште помачните четири обиди, кои завршуваат неуспешно или поради лошите временски прилики или поради отровните медузи, поради кои последниот, петти пат Дајан носи заштитен костим.
Токму тој е основа за критики на колеги-маратонци дека нејзиниот потфат не се важи, бидејќи пливањето било „асистирано“. Така, нејзиниот премин од Куба до Флорида помеѓу 31 август и 2 септември 2013 никогаш не е формално ратификуван поради недостаток на независни набљудувачи и некомплетни податоци во кои недостасувале над 9 часа критичен период во тек на вечерни часови, кога не се знае дали таа се одморала на бродот. Поради сето ова, откако е еднаш внесено во Гинисовата книга на рекорди, името на Најад е повлечено.
Но сето ова не ја прави помалку амбициозна и на копно. Учествува во танцувачкото шоу Dancing with the Stars, продуцира монодрама во која игра самата, држи мотивациски предавања и пишува ангажирани текстови, на пример за вклучувањето на транс-спортистите во различни натпреварувања. Самата се идентификува како лезбејка и атеист, која своите најголеми резултати ги постигнала како начин да ги надмине траумите од детството кога наводно била сексуално злоупотребувана од својот тренер.
После часови и часови пливање, маратонците почнуваат да халуцинираат - Најад за да се концентрира се сеќавала на книгите на Стивен Хокинг и на песните на Нил Јанг. Во еден момент сепак пред себе ја гледа жолтата калдрма од Волшебникот од Оз и разнобојни огномети. Можеби токму тоа е моментот на искуство „од другата страна“ кое овие спортисти го бараат? Во случајот на Најад, на неверојатни 64 години.
Илина, Букбокс