Млада и атрактивна детективка, Рејчел, која бргу напредува во редовите на лондонската полиција, откако помага во разоткривање на опасно терористичко здружување, добива случај кој вклучува актуелна „ѕвезда“ на британските медиуми. Војникот Шон Емери е тукушто ослободен од обвиненија за воено злосторство кое наводно го извршил во Авганистан, а веќе е повторно обвинет за напад и киднапирање на својата адвокатка, Хана Робертс, која го застапувала во случајот.
Ноќта кога се случува ова го сведочиме следново: Шон и Хана се заедно на журка во паб по повод добивањето на случајот. Таа заминува порано, тој ја следи и ја наоѓа на автобуска станица. Ѝ изјавува љубов, се бакнуваат, но кога автобусот пристигнува, се случува нешто необично. Според безбедносната камера која го покрива теренот, тој почнува да ја влече и да ја удира, и - како што пишуваат медиумите следниот ден - ја киднапира, а можеби и убива.
Дежурната полициска службеничка чија работа е само да седи и да зјапа во мониторите следејќи нелегални активности, го пријавува случајот. Но иако секако верува на она што го гледа, таа е сепак сомничава. Искуството ѝ вели дека луѓето обично имаат поинаков говор на телото пред да преземат нешто насилно. Поткренати раменици, раширени нозе, раширени очи, како животно кое се подготвува за напад. Кај Шон нема ништо такво, до заминувањето на автобусот, кој во клучните моменти ни го попречува погледот кон она што се случува зад него.
Централниот интерес на серијата не се толку конкретните ликови и нивните приказни, колку свртувањето на вниманието или, уште повеќе, кревањето тревога, за начините на кои технологијата може да го извитопери нашето чувство за реалност. Гледањето на нешто што ви е кажано дека е снимено во живо или е директен пренос, со луѓе за кои има голема веројатност да се навистина на конкретната локација и да го прават она што го прават на снимката, е нешто кое речиси никој од нас не би го довел во прашање. Како да не им веруваш на сопствените очи, кога студената и објективна технологија, која нема зошто да „лаже“, вели дека било така? Оттаму, и насловот на серијата, Тhe Capture - е двосмислен. Велиме дека апаратот ја „грабнува“ (captures) фотографијата, ja регистрира сцената точно онака како што се случила, но дали таа можеби повеќе нè грабнува нас?
Ако технологијата нема зошто да лаже, има зошто тоа да го прават луѓето. Детективката низ овој случај разоткрива цела мрежа на разузнавачи кои вршат тн. „корекција“ на случаи за кои ќе оценат дека се безедносна закана за земјата. Кога недостасува „крунскиот“ доказ - снимка, тие едноставно ја создаваат, користејќи разузнавачки податоци кои би го ставиле осомничениот во истата ситуација, во истото време и на истото место на коешто е „снимен“. Така се добива аргумент пред секоја порота, а и боговите на ова можат само да молчат. „Што е повистинито, лажното сведоштво на осомничениот терорист дека не го сторил делото, или нашата 'корегирана' снимка? Корекцијата не е лажен доказ. Таа е вистината, ама симулирана“, вели една од главните организатори на целата операција, со речиси религиска убеденост во исправноста на постапката.
Тоа што Лондон е одбран како локација на приказната не е случајно. По големите градови во Кина, тоа е најпокриениот град со безбедносни камери во светот, со повеќе од 68 камери на 1000 луѓе. Ова се оправдува со нивната голема ефикасност за превенција или решавање на кривични дела, но доказите за истото не се баш убедливи. Самите снимки сепак се такви, иако вербата во нив почнува да се руши кога човек ќе ѕирне зад окото на камерата.
А без таа верба, дека она што го гледа тоа студено око е неприкосновената реалност, што останува?
Илина, Букбокс