Ако има нешто заедничко во скандинавските крими серии тоа е она „ноар“ во вистинската, визуелна смисла на зборот. Колку и да го осветлувате екранот, освен во случај на широк кадар со многу снег некаде вон градските средини, тој е мрачен, маслинесто „валкан“, како над тој инаку еколошки чист полуостров да надвиснал голем облак прашина.
„Облаците“ за којшто станува збор во оваа серија се серија убиства кои се поврзуваат со мистериозен дом за малолетни прекршители, „Валхала“. Ако името ви е познато, тоа е затоа што во нордиската митологија така се вика викиншкиот „рај“ во кој владее врховниот бог Один, крај кого живеат многубројните херои и кралеви, како и оние погинати во херојски битки. Да се нарече вака макар и фиктивен дом за деликвентни во скандинавската свест веројатно оддекнува како остра критика и иронија.
Главни ликови се полицајците Ката и Арнар, секој со своите приватни приказни и предизвици кои на моменти се испреплетуваат со главното дејство. Ваквиот женско-машки пар во криминалистички серии, ако се погодат актерите, не здосадува колку и пати да го среќавате. Сепак природно ни се наметна споредбата со ликовите од претходно гледаната „Мостот“ (Bron/Broen, oсврт за неа тука) со Швеѓанката Сага Норен и нејзините дански машки колеги. И во „Убиствата во Валхала“ исландската полиција е исто така упатена кон ресурсите на најблиските, додуша географски не баш блиски комшии - Норвешка, па Арнар кој по потекло е од Исланд всушност доаѓа „на позајмица“ од Осло. Нивната соработка во практична смисла е необична. Имено, додека во „Мостот“ Сага и партнерот Мартин (или подоцна Хенрик) веројатно по протокол речиси секогаш кога е можно одат во пар и си го чуваат грбот со извлечени пиштоли, во исландскава серија тие често се раздвојуваат и одат на ризични проверки и потери голораки! Само во една од вкупно осумте епизоди видовме пиштол, кој беше извлекуван по итна постапка од некаков посебен контејнер во службеното возило, при што инспекторот мораше прво да сврти телефон во централата, да објасни за што му е и овие да му дадат код. WTF?
Ова нè поттикна да истражиме како стојат работите со тамошната полиција. Таа вообичаено не носи оружје на себе, и таа спаѓа во 19 земји во светот кои го почитуваат ова правило (меѓу кои Бутан, Нов Зеланд, Велика Британија и Норвешка). Со ова правило се поврзува многу ниската стапка на жртви во полициски пресметки. Во 2013 се случил првиот (?!) инцидент во кој бил смртно застрелан маж од независноста на Исланд во 1944, и тоа изгледа до овој момент е единствениот од таков вид. WTF, пак.
Назад кон приказната, авторот и режисер Тордур Палсон кому ова му е дебитантска серија (всушност ко-режисер, бидејќи четири епизоди од осумтте се режирани од други колеги) во интервју има изјавено дека инспирацијата за шоуто дошла од вистинска приказна од доцните 1940-ти, за државно раководена институција за малолетни прекршители во изолиран (ама стварно изолиран) дел од Исланд. Таму машки деца помеѓу 7-14 години биле ужасно тепани и злоставувани од вработените. Жртвите подоцна потегнале тужба и добиле некоја мала финансиска компензација, но скандалот генерално бил забошотен. И Палсон, а и сценаристите, добро го познавале случајот, во кој додуша немало убиства, но целта била приказната да се искористи за да се актуелизира темата и да се поттикне свесност за неа. Сепак, серијата се допира и до пошироки теми, како важноста на семејството и на минатото, особено на детските години.
„Убиствата од Валхала“ во поширокиот скандинавски контекст ја има таа маана што дојде после неколку сканди-ноар хитови, меѓу кои и исландската мистерија „Заглавени“ (Trapped, ја има на Нетфликс, 2015), па оттаму и зголемените очекувања и споредби. Она што нам ни е интересно е да ги гледаме различните продукции и да ги споредуваме главните теми, јазикот (ако разберете нешто од исландски еве нà) и пејзажите. Засега Данска ни води, ама па уште не сме гледале финска серија...
Илина, Букбокс