Дефиницијата на Википедија на „скандинавски ноар“ е:
„Жанр криминалистичка фикција напишана главно од полициска гледна точка, со јасен јазик кој одбегнува метафори, лоцирана во мрачни пејзажи што резултира со исти такви, мрачни и морално комплексни сценарија. Тие ја опишуваат тензијата помеѓу навидум спокојната и бледа социјална површина и убиствата, расизмот и другите нешта кои лежат под неа“.
„Мостот“ може слободно да се користи на филмските школи за илустрација на ваквата дефиниција. Иако, она со отсуството на метафори е дискутабилно - мостот Оресунд кој од 2002 го поврзува Малме во јужна Шведска и главниот град на Данска, Копенхаген, не е залудно содржан во насловот. Тој е и физички топос на одвивање на дел од дејствата, но и симбол на премини, граници, спојување и раздвојување на луѓе, приказни и судбини. Границите - географските, политичките, моралните - се наметнати но и внатрешни, прашањето е кој и под кои услови ќе ги премине.
Главен лик кој опстојува во сите сезони е Сага Норен (Софија Хелин), шведска инспекторка, чие однесување најпрвин делува „откачено“, за потоа да стане јасно дека е резултат и на семејна траума, а веројатно и на дијагноза некаде на аутистичниот спектар. Нејзиното отсуство на чувство за социјален контекст („што на ум, то на друм“) и суровост во проценката на карактери и ситуации на моменти шокираат, во други предизвикуваат смеа, но истовремено овозможуваат реално согледување на фактите и откривање на комплицираните мрежи на сторители и соучесници. Нејзино алтер-его во првите две сезони е данскиот инспектор Мартин, со кого таа мора да почне да соработува, кога на спомнатиот мост, точно на неговата средина, е пронајдено искасапено женско тело. И другите случаи кои следат успеваат некако да се прелеат преку границата, па соработката помеѓу двете полиции останува траен елемент на серијата.
За жител на Скандинавија или за упатен во данско-шведските односи ова отвора и други аспекти кои гледачите од други средини сигурно ќе ги пропуштат. Ако не знаете, на пример, да разликувате дански од шведски, во ниту еден момент не знаете кој на кој јазик зборува, дали секој си се држи до својот па некако се разбираат, или некој од нив доминира. Кога, на пример, би се работело за македонско-српски инспектори, претпоставката е дека Македонецот ќе зборува „прекршен“ српски и дека во нивните дијалози ќе има тешко преводливи поттексти и „инсајдерски“ финти разбирливи само за овој дел од Балканот. Се обложуваме дека сме пропуштиле барем 30% од квалитетот на „Мостот“ само поради нашето незнаење на вакви детали од скандинавскиот контекст.
(Сцена во која инспекторите се обидуваат да дешифрираат порака на убиецот напишано на некакво чудно писмо - глаголицата)
Сепак, некои нешта се очигледни во културолошка смисла. За разлика од американските серии каде главните теми би се очекувало да се дрога, трговија со луѓе и друг вид високопрофитни нелегални дејности, тука тоа се еко-тероризмот, ЛГБТ правата, распадот на атомското семејство и генералната отуѓеност. Методите на извршителите се исто така радикални - не просто пукање или забодување ножеви, туку реконструирање сцени од уметнички слики, вбризгување смртоносни вируси или отсекување глави кои потоа се појавуваат во нечија икебана. Софистицирано, ефикасно и крајно ефектно, долготрајно планирано и одвратно, а сторено главно не поради некаква добивка, туку како резултат на одмазда. По некое време си велите - толку ли си имаат грешено фините Скандинавци?
Четирите сезони се гледаат бргу, но кога ќе заврши последната приказната делува заокружено и без опашки кои би оставиле простор за следна. Но затоа пак има еден куп верзии на истата: француско-англиската „Тунелот“, американско-мексиканска, естонско-руска, малезиско-сингапурска, германско-австриска и грчко-турска „Мостот“. Навиваме со цело срце за една македонско-бугарска, која се отвара со сцена во која инспекторите од двете страни се среќаваат во измаглица на Деве Баир. Во следните сцени просто седат во блиското погранично бифе и го допиваат кафето, дур нештата не се решат сами по себе.
Илина, Букбокс