Вредноста на кратките филмови направени не само од финансиски зорт, туку и од желбата да се раскаже една „густа“ и интензивна приказна, ја потврдуваат два македонски кратки филма прикажани на вториот ден на фестивалот Синедејс.
„Еден тон сладолед“ на дебитантката Сандра Ѓоргиева зборува за трауматичен момент од животот на тинејџерот Ведран, кој врз своите кревки плеќи носи големо бреме - вина за нешто што самиот не го сторил, но го сведочел. Како митскиот Атлас кој е осуден да го носи на своите раменици целиот небесен свод, и Ведран чувствува дека тајната ќе го поклопи ако не преземе нешто за да се искупи. Иако начинот на којшто го прави тоа на почетокот делува контрапродуктивно, создавајќи уште поголеми компликации, катарзата сепак ќе си го најде својот пат.
Иако со силна морална порака, филмот успева да остане суптилен а не нападно дидактички, што го потврдува и неговиот „отворен“ крај. Во тоа помагаат изведбите на искусната Јелена Јованова и младиот Бодан Киранџиски, кој веруваме дека ќе го гледаме повторно на големиот екран. Филмот е сниман летото 2021 во Скопје, а истата година доби награда за најдобар „пич“ (претставување) на Сараевскиот филмски фестивал, во форма на поддршка за постпродукција на звукот. Сценаристи се режисерката Ѓоргиева заедно со Јаков Попоски, а продуцент е ОХО продукција.
Ѓорче Ставрески зад себе веќе го има долгометражниот „Исцелителот“, кој во 2017 беше премиерно прикажан токму на Синедејс (Букбокс осврт тука). Цели шест години чекајќи уште една тура од „она на Ѓ“ (нешто ново од Ѓорче), го дочекавме, макар и во кратка форма. „Дали си маж?“ не е реторичко, туку реално прашање, на кое треба да одговори едно седумгодишно дете, и тоа не само на збор. Марко (го игра одличниот Данило Ивановски), нетипично за деца на негова возраст, сака да решава математички задачи, а не на пример да игра маалски фудбал. Повлечен и срамежлив, тој во еден момент ќе биде предизвикан да покаже стереотипна машка одважност, запаѓајќи во ризични ситуации. Интензивноста на настаните и чувството на стегнато срце со кое се следи неговото движење низ мрачниот и опасен град, прават после овој краткометражен филм да се чувствувате дека сте гледале целовечерно дело (за разлика од обратното чувство, кога од „шуплив“ долгометражен филм ќе излезете со жалење што не бил сведен на 15 минути).
Знаејќи детали од детството на Ѓорче (слушни ја епизодата „Како е да си н’рд“ од подкастот Обични луѓе тука), неговиот ран талент за математика и, исто како и Марко, животот со самохрана мајка, беше лесно да се повлече автобиографска паралела со приказната која има и мета-ниво. Треперливата рака на некогаш кревкото дете, крената во воздух за да му удри шамар на светот, имено, е самиот филм - манифест во слава на простите броеви, но не и на простите луѓе.
Со нетрпение ги очекуваме следните кратки или долги дела на овие автори.
Илина, Букбокс