Најпрвин бил државен обвинител во специјален суд во Инсбрук. Потоа, во раните денови на Федерална Германија станува висок функционер во Министерството за правда. Едуард Дрехер е еден од многу поранешни нацисти чии кариери биле обновени по 1945 и кои со своето влијание во 1960-тите успеале тивко да донесат закон според кој нивните воени злодела ќе останат неказнети.
„Случајот Колини“, иако е фиктивен, е начин да се обелодени овој малку познат факт. Филмот е адаптација на истоимен роман на Фердинанд фон Ширах од 2011, чиј дедо од таткова страна, Балдур фон Ширах, бил водач на младинскиот огранок на Национал-социјалистите, осуден на 20 години во Нирнберг за злосторства против човештвото. Со оглед на својата семејна историја и правно образование, авторот создава интересна судска драма, во која на Фабрицио Колини (Франко Неро) му се суди за убиство на германски бизнисмен, Ханс Мајер.
Мотивот за убиството со пиштол директно во глава е мистериозен, а Италијанецот на почетокот воопшто не сака да зборува, подготвен да отслужи доживотна казна. Но младиот адвокат со турско потекло Каспар Лајнен (Елијас М'Барек), на кого му се паѓа овој за германската јавност „случај на векот“, успева да ја пронајде врската и оттаму мотивот на сторителот, што ќе помогне во неговото ослободување. Ова го прави и покрај тоа што жртвата, Мајер, му бил како татко, помагајќи му воопшто да заврши факултет. За нештата да бидат уште покомплицирани (и троа неуверливи), тој има и љубовна врска со внуката на бизнисменот. Но провокацијата на обвинителот, негов поранешен професор, дека на еден адвокат ваквите елементи не би требало да му се пречка да си ја врши својата работа, го поттикнуваат сепак да го доведе случајот до крај.
Дејството притоа се одвива во три временски слоја: 2001, кога се одржува судењето; 1980-тите, идиличното време на детството на Каспар н неговото пријателство со внуците на Мајер; и Италија во време на Втората светска војна, каде всушност и лежи клучот за толкување на постапката на Колини. Иако повремено запаѓа во непотребна мелодрама, филмот е корисен како илустрација на последиците од спомнатиот „Дрехеров закон“, којшто се актуелизираше како дел од четиригодишно истражување на независна комисија историчари на архивите на германското Министерство за правда инициран во 2012.
Наодите кои беа презентирани во Берлин во 2016 под името „Фајлот Розенберг“ (според првата официјална резиденција на спомнатото Министерство во Бон), откри шокантни податоци за бројот на правници кои заземале водечки позиции во поствоеното министерство. Од 170 судии, 90 биле членови на Национал-социјалистичката партија. Од нив, 34 биле дури и членови на СС. Некако му доаѓа и „логично“ дека овие луѓе сакале да донесат закон со кој ќе се заштитат од евентуални реперкусии, доколку се откријат нивните злодела за време на војната.
Токму еден таков бил донесен на 24 мај 1968, како дополнување на Германскиот кривичен закон. Наједноставно кажано, амандманот вклучувал застарување на дела кои подразбирале максимална казна доживотен затвор 20 години по извршувањето. Иако на Википедија страницата на законот (само на германски) се изразува сомнеж дека пратениците на Бундестагот кои во тој момент гласале за законот биле свесни за што всушност гласаат и какви последици би имало тоа, во „Случајот Колини“ станува јасна позадината на неговото донесување.
Илина, Букбокс