Томас Харбор (Роберт Редфорд) е контроверзен научник кој докажува дека постои задгробен живот. Иако не е јасно каде е тој друг свет и како тој изгледа, оние кои имаат проблем со овој (а такви очигледно се многумина) почнуваат масовно да се самоубиваат. Токму со ваква сцена и почнува филмот - во текот на телевизиско интервју со Харбор, во кое водителката го прашува дали тој се чувствува виновен за смртта на милиони, еден од телевизиската екипа си пука во глава пред камерите, благодарејќи му за „можноста“.
Но ни овој инцидент не го спречува Харбор да продолжи со истражувањата, кои се одвиваат на речиси пуст остров, во замок каде тој има собрано заедница на луѓе кои биле погодени од нечие самоубиство, или кои самите неколкупати безуспешно се обидувале да го сторат. Оддржувајќи во живот култ кој е опседнат со смртта, тој индуцирајќи сопствена кома и експериментирајќи со трупови од локалната мртовечница, сака да го прошири своето Откритие со ново - како точно изгледа „таму“.
Неговиот постар син (Џејсон Сигел) е доктор Џекил-от на овој мистер Хајд. На годишнината од Откритието, тој заминува на посета кај татко му за да го убеди да се откаже од проектот, да изјави дека целата работа е една голема грешка, и со тоа евентуално да го сопре бранот самоубиства. На ферито до островот се среќава со мистериозната Ајла (Руни Мара), која станува клучот за одговор на основната теза на филмот - дали она што го нарекуваме „задгробен живот“ е всушност луп на вечни враќања, на кои не се сеќаваме, но кои ни даваат можност да исправиме некоја голема грешка или пропуст?
Вечното враќање, концепт според кој сиот космос е самообновлив, појавувајќи се во идентична форма бесконечно број пати во бесконечно време и простор, е типичен за источните филозофии, па и за митолошките традиции од нашето поднебје пред доаѓањето на христијанството. Во западната филозофска традиција освен Ниче и Ками со него не се занимавале многумина, па можеби затоа тој е се уште интересен за, во случајов, филмско истражување. Претпоставуваме дека гледач од некоја друга, не-западна култура, на револуционерното „откритие“ во него дека задгробниот живот е всушност циклус на повторливи животи, би реагирал со - „е да, де, за ова ме држеше тука саат и пеесет минути?“.
Работата е што ваков може да биде коментарот и на оној западен гледач кон кого филмот и цели. Наместо преку драматични пресврти да нè донесе до катарзичен епилог и да нè увери во постоењето „втора (или n-та) шанса“, тој емотивно се движи по речиси истата, рамна линија, од почеток до крај. Има тука и добра глума, и малку комедија, но и чувство дека потенцијалот на почетните премиси не е доволно искористен. Можеби и неговиот автор, Чарли МекДауел, кому ова му е втор филм, сметал и на следна шанса да го доправи. Во некој следен живот.