Креативна непреводливост

Германските зборови кои недостасуваат

Германскиот, со неговата способност да формира „долга магарица“ од неколку зборови, често е извор на заемки, барем во англискиот. Schadenfreude (сеир) или Zeitgeist (дух на времето) се само некои примери. А зошто покрај постоечките да не се измислат и нови?

Бен Шот (Ben Schott) е британски писател, автор на бестселерот „Оригиналната збирка на Шот", кој заедно со неговите продолженија е продаден во 2,5 милион примероци и преведен на 21 јазик, вклучително и на Браево писмо. Работел како фотограф за повеќе големи дневни весници и списанија во Британија, успешен е во областа на дизајнот, а сега е и редовен колумнист на Њујорк Тајмс. Тој има нова книга - „Шотенфројде, или германски зборови за човечката состојба", која ќе излезе деновиве.

Делумно лингвистички експеримент, а делумно културолошко поигрување со концептот на непреводливоста, тој во неа предлага нови зборови на германски (кои секако можат да се искористат и во други јазици) за појави, чувства и предмети за кои не постои соодветен збор. И насловот колку што забележавме е симболичен, и го содржи името на авторот, на кого очигледно му е мерак (freude) да си игра со зборовите како со сложувалки.

Еве дел од неговите предлози за нови германски кованици. Првата е ептен актуелна:

Хербстлаубтритфергнуген
„Клоцање купчиња есенски лисја"

Во 1972 двајца психолози, МекФилами и Левинсон објавиле текст во Списанието за консултативна и клиничка психологија, во која „поттурнувањето на лисја, песок и камчиња со нога" е на 174-тото место на „Распоредот на пријатни активности" - нивен субјективен извештај за степенот на уживање во oдредени дејства и чувства. Освен наведеното, на број 18 се наоѓа „одење гол", на 26-то „дишење чист воздух", а на 185-то „чувството на присуството на Бог во мојот живот".

Шмуцвортзухе
„Пребарување мрсни зборови во речник"

Лертретунг
„Јако стапнување на скала која не постои"

Ејзенбаншејнбевегунг
„Лажно чувство на движење кога гледаш од воз во движење друг воз како тргнува“

Овој феномен го има анализирано психологот Карл Дункер, кој поставувал луѓе во темна просторија и проектирал точка светлина врамена во голема светлосна рамка. Кога рамката се придвижувала од една до друга страна, испитаниците мислеле дека точката се движи во спротивна насока.

Багершпион
„Поривот да се ѕирка низ тараби во парцела каде се гради"

Цајгарникфрустрацион
„Измачувачко чувство на нецелосност кога знаеш дека некаде има делумно изедени грицки"

Рускиот психијатар Блума Вулфовна Цајгарник (од таму и првиот збор во кованицата) во 1927 утврдила дека луѓето подобро ги помнат прекинатите дејства отколку оние кои ги имаат завршено. Оттаму ова станало познато како „ефект на Цајгарник“.

Готценгешвец
„Молење на Бог во кој не веруваш"

13 октомври 2013 - 17:37