Роуз-Лин Фишер во 2010 објавила книга со фотографии кои ги прикажуваат пчелите во сосема ново светло. Со користење на силни електронски микроскопи, таа ги зголемила микроскопските структури на пчелата за стотици, па дури и илјадници пати, откривајќи апстрактни форми кои инаку никогаш не би можеле да се видат со голо око.
Сега, како дел од нејзиниот нов проект „Топографија на солзите", таа користи микроскопи за да ни ја приближи структурата на еден универзален човечки феномен - исушените солзи.
„Го почнав проектот пред пет години, во период на постојани солзи, среде промена и личен губиток - значи имав и премногу сиров материјал", вели Фишер. „Сè што гледаме во нашите животи е само врв на ледениот брег, па се запрашав, како ли изгледаат солзите од блиску?"
Кога прв пат погледнала под микроскоп нејзини солзи тие и изгледале како снимка од авион, како некој чуден пејсаж. Првичната љубопитност се проширила со нови дилеми: дали солзите од среќа се разликуваат од оние тажните, и дали обете се разликуваат од солзи кога сечете кромид? Така започнал нејзиниот неколкугодишен проект во текот на кој таа собрала, испитала и фотографирала повеќе од сто примероци на солзи и од неа самата, но и од волонтери, вклучувајќи и новородено бебе.
Без оглед на мотивот за нивното пролевање, солзите содржат голем број биолошки супстанци (како масла, антитела и ензими) кои се растворени во солена вода, но сепак во оние емоционалните биле пронајдени повисоки количества протеини, како и невротрансмитерот leucine enkephalin, кој е природен седатив кој телото го излачува кога е под стрес.
Она што се гледа на фотографиите е во голема мерка кристализирана сол, но со голем број варијанти, во зависност од стапката на испарување и сетинзите на микроскопот.
„Солзите се медиумот на нашиот најдревен јазик, во потресни моменти како смрт, егзистенцијални како глад или комплесни како некој обред на премин. Но сепак секоја од овие солзи содржи микрокосмос на колективното човечко искуство, како капка во океанот", додава Фишер.
„Солзи на повторна средба“
„Солзи од кромид“
„Солзи од смеа“
(горе: „Солзи на промена“)