Во филмот од 2011. на Вуди Ален, „Полноќ во Париз", ликот кој го глуми Овен Вилсон изговара реплика која е всушност познат цитат од Фокнер. Тој вели: „Минатото никогаш не е мртво. Всушност, не е дури ни минато." Освен што е додадено она „никогаш", остатокот е идентичен.
Фокнер, кој и самиот работел како холивудски сценарист, сигурно би бил почестен. Но неговите наследници не баш - тие сега тужат.
Апсурдно или не, тие тврдат дека користењето на овој цитат претставува прекршување на авторските права. Овој случај се надоврзува на уште еден неодамнешен, кој стигнал до Врховниот суд, според кој може да излезе дека е нелегално да се препродаваат книги, музика, па и апарати од бела техника, без дозвола на производителот, што може да влијае дури и врз продажбата на користени книги.
Законите за заштита на авторските права се секако потребни, како начин уметниците и научниците да креираат без страв дека некој ќе им го спори правото врз нивното дело. Но каде е границата после која барањето на право на сопственост станува бесмислено, особено ако самиот сопственик е одамна мртов и не може да се изјасни?
И лиценците на Creative Commons, непрофитната организација која е посветена на проширување на опсегот на креативни дела кои законски се достапни за споделување, под услови кои се повеќе етички отколку строго правни, но и законите за авторски права го користат концептот на „фер употреба" кој им овозможува на луѓето да користат делови од книга, музика и видео, под услов количеството кое е употребено да не е преголемо, и да е за академски или креативни цели. Случајот со цитатот кој го користи Вуди Ален секако спаѓа во оваа категорија.
Ако излезе дека не е така, тогаш уметниците ќе треба мака да мачат со издвојување на сите референци на претходни дела со кои се служат (макар и сосема индиректно), што е речиси невозможно во време на цитати, парафрази и деконструкции. Но тоа не важи само за нашево време. Книгата на самиот Фокнер, Врева и бес, го има позајмено насловот од делче од Магбет.
Доколку судот во САД пресуди во корист на Фокнер, тогаш преседански ова ќе треба да важи и за сите понатамошни пресуди во исти или слични случаи, што ќе ја поткопа доктрината на „прва продажба", која до сега им овозможуваше на луѓето кои купуваат производи со заштитени авторски права понатаму да ги продаваат како што сакаат. Според еден апсурден пример, бидејќи Тојота има аудио систем и GPS кој подлежи на авторски права, според овој преседан, ако сте сопственик на автомобил кој ги содржи ваквите елементи, ќе треба прво да обезбедите согласност од секој од производителите на различните делови во неа, зависно од тоа кој за кој дел ги има авторските права.
Препишувачи на статуси на Фејсбук и Твитер помислете два пати пред да го следниот пат да направите копи/пејст. Барем кажете го истото со свои зборови.