Грас пак јава

„Европо, срам те било!“

Откако се замери со Израел и неговите сојузници заради песната „Она што морам да го кажам", нобеловецот оди чекор понатаму - сега се става на страна на Грција, нарекувајќи ја европската политика кон неа „срамна".

Песната „Срамот на Европа" е објавена викендов, симултано и во грчкиот весник Катимерини и во германскиот Зидојче Цајтунг. Користејќи ја формата на античка ода, Гинтер Грас ѝ се обраќа на Европа, предупредувајќи ја дека таа ќе предизвика сопствено духовно осиромашување доколу ја отфрли земјата која ја има создадено во цивилизациска смисла.

Повикувајќи се на Гетеовата „Антигона" и делата на германскиот поет Хелдерлин, познат по своето хеленофилство, Грас прави краток преглед на грчката историја, од антиката до хунтата. Завршува со тоа дека „алчноста на банките, функционерите и нивните слуги" ќе провоцира божји гнев. Без Грција Европа ќе биде посиромашна, континент без духовност.

Како што тргнал со пишување политички ангажирани песни кои ја заземаат страната на онеправданите, очеуваме Гинтер Грас следната да ѝ ја посвети на Македонија. Тоа што таа истовремено можеби ќе треба да биде против Грција, Европа и НАТО сигурно нема да му биде проблем. Нему контроверзноста и онака му прилега. Само да се договориме да не нè нарекува „Земјата", како што ја именува Грција во оваа песна.

СРАМОТ НА ЕВРОПА
Гинтер Вилхелм Грас

Блиску до хаос, затоа што не сте биле послушни кон пазарите
и Ти, далеку од Земјата која ти направила лулка.

Сè што си барала со душа, и што си мислела дека си го нашла,
сега ќе биде напуштено, и ќе биде проценувано како за'рѓан стар метал.

Како прогонет и гол должник, една земја страда
а Ти, наместо благодарноста која ѝ ја должиш, нудиш празни зборови.

Осудувајќи ја оваа Земја, чие богатство ги краси музеите: Ти оправдуваш грабеж.

Оние кои со силата на оружјето ја нападнале Земјата благословена со острови,
го носеле Хелдерлин во своите ранци.

Земјата која е најмалку прифатена, но нејзините диктатори, некогаш
биле прифатни од Твоја страна како сојузници.

Земја без права,
чиј појас тврдоглавата власт и понатаму го стега.

И Антигона Ти пружа отпор, носејќи црно,
и низ целата Земја народот тажи, оној кој порано беше твој домаќин.

А сепак, вон Земјата, следбениците на Крез и оние како него,
сè што свети како злато го трупаат во Твојот трезор.

Напиј се, најпосле, напиј се! - викаат слугите на извршителите,
но Сократ фуриозно Ти ја враќа чашата полна до врвот.

Тие ќе колнат во хор, дека тие се Твоите богови,
чиј Олимп Ти сакаш да го одземеш.

Осиромашена од дух, Ти ќе исчезнеш без Земјата,
чиј дух Тебе те создал, о Европо!

(препев од англиски/грчки И.Ј.)

26 мај 2012 - 20:15