Сè почна од веста дека на 92 години починал Јанис Киријакидис (по наше Јане Неделковски), легендарниот фото-репортер, кој повеќе од седумдесет години сликаше важни настани и фаци, од палестинскиот лидер Јасер Арафат, оперската дива Марија Калас или францускиот претседател Шарл де Гол.
Но едно did you mean.. на Гугл нè однесе во сосема друг правец - сајтот на Јанис КирикијадЕс, композитор и музичар од Лимасол, Кипар (не е Грција, ама блиску е), роден 1969, кој денес живее во Холандија. Има напишано над сто композиции, за театар, камерни оркестри и големи ансамбли, како и една опера. Се заслушавме во неговите соработки со гитаристот од Шкотска, Енди Мур, кој пак свири панк рок, но и обработки на традиционална еврејска, грчка и руска музика.
Една од нивните соработки е албумот „Ребетика", кој се состои од седум композиции базирани на „грчкиот блуз", како што ја нарекуваат оваа грчка традиционална музика. Има тука и електрични гитари, и бузуки, и семплови на изгребани винили, атмосфера на зачадени кафани и заборавени времиња и простори. Еве една од нив, слушнете сами:
Rebetika - A School Burnt Down (Изгорено школо)
За потребите на проектот „Брисел ни припаѓа нам" кој се состои од конзервирање на „соничната меморија" на белгискиот главен град преку собирање усни сведоштва и звуци, Киријакидес го има направено и експерименталниот албум „Без зборови". Тој интервјуата со жителите на Брисел ги има така деконструирано што од нив е останато сè освен зборовите. Има тука и воздишки, и смеење и улични звуци и подголтнувања - невербален наратив за она што зборовите во интервјуата не го кажуваат.
Wordless - Sociologist_0158
Ете како еден случаен (?) наод на Гугл може сонично да ти го збогати денот..