Јапонците со секој нов медиумски производ кој стигнува до нас (а сигурно има и скроз откачени кои никогаш нема да ги видиме), само ја потврдуваат репутацијата на „размислување надвор од бенто-то“ (кутија за ужинка на школо). Документарната серија почнува без никаков вовед, со разнобојни јапонски симболи како ископирани од некоја неонка. „Доволно стари“ гласи насловот. Доволно стари, за што?
Всушност станува збор за мега-популарното шоу „Хазимете но оцукаи“ (Мојата прва обврска), забавен документарец, во кое деца, дури и двегодишни, се праќаат да извршат некоја задача сосема сами, да купуваат или да користат јавен транспорт. На јапонската телевизија се прикажува повеќе од 30 години, а кога има емисии (кои се снимаат на поголеми периоди) се приклучуваат петина од јапонските гледачи, што е неверојатна бројка. Сега е достапно и на Нетфликс.
Паузата помеѓу епизодите се објаснува со големите подготовки кои се потребни за снимање на само една епизода. Сите патеки се испитани од родителите и од продукцијата, дали има опасни места или „сомнителни луѓе“. Децата се бираат после долг процес, екипата додека снима е на скришни места за децата да не ги гледаат, а жителите на местата се информирани за тоа што се случува, за да не се извадат од памет и да викнат полиција кога ќе видат четиригодишно дете како само се ѕенѕа по улици.
Културолошки се интересни и задачите кои им се даваат на децата. Во првата епизода малиот Хироки (2 години и 9 месеци) треба да појде до продавница оддалечена еден километар и да земе слатко кари, колачиња од риби и „цвеќиња за олтарот на починатата баба“. Кога пристигнува на местото, цело време носејќи знаменце за сопирање на колите кои дисциплинирано му застануваат, тој прво оди до она што најмногу го интересира - автоматите за играчки. Како да подзаборавил по што бил испратен. Набргу се освестува и како голем зема кошничка и пазари, ракувајќи и со пари. Се мери и брзината на остварувањето на задачата, а во случајов детето оди со 2,6 км на час. На патот наназад купеното цвеќе се влечка по земја, од носот му тече мрсулче, но тој е горд кога влегува дома со остварената цел.
Прва идеја ни беше да го прикажуваме ова на нашите деца, за градење самодоверба и одговорност кон домашните обврски. Ама она со застанувањето на улица на коли кога ќе им кренеш знаменце малку нè замисли. Ај не.