Ако играат Холандија и Мексико, а судијата е од Португалија, на кој јазик е најсоодветно играчите да го опцујат ако тој нешто им згреши?
По сè изгледа на кој и да е јазик - голем број играчи имаат настапувано за различни тимови низ светот и зборуваат неколку јазици, барем на она ниво кое им е потребно за играта. Но честа е ситуацијата тие едноставно да се дерат на нивниот мајчин јазик, само за да покажат дека се изнервирани.
„Секој коментар кој вклучува гениталии секако ќе биде разбран", вели Алекси Лалас, кој бил во тимот на САД на првенствата во 1994 и 1998. Но истиот играч некогаш му се обратил на судија од Еквадор со она што мислел дека е шпански превод на „кучкин син". Изразот излегол многу понавредлив од англиската верзија, и тој веднаш добил црвен картон.
Играчите можат да се послужат и со јазикот на телото. Споени раце значи dive (кај нас попознато како „глумење“), кога противничкиот играч симулира фаул, а гестот треба да значи „не го допрев, сам си падна". Прст насочен кон окото е порака судијата „да си ги држи очите отворени". Но во сферата на вербалното, оние од англиските говорни подрачја се во предност бидејќи сите судии одбрани за Светските првенства мораат (од 2006) да минат тест на пишуван и говорен англиски. Целта на ова е да се обезбеди дека сите пет судии на одреден меч можат да комуницираат едни со други.
Како бонус, играчите можат да го консултираат и петјазичниот речник на фудбалски термини кој го дели ФИФА. Книгата содржи важни изрази на англиски, француски, германски, италијански, португалски и шпански.