„Слушајќи ги прекрасните ѕвона на Винчестер, една од нашите најголеми средовекови катедрали. Многу поубаво отколку агресивниот звук на Алаху акбар. Или е само до моето културолошко воспитување?“, твитна Докинс на неговите скоро 3 милиони следбеници.
До тоа е - одговорија илјадници. Голем број од нив го обвинија за расизам, ксенофобија и исламофобија. Сето прерасна во скандал, за кој известија најголемите британски весници. Арапскиот израз „Алаху акбар“ се користи на почетокот на „азаан“-от, повикот за молитва, и значи „Бог е најголем“.
„Ѕвоната на Винчестер звучат сјајно, но исто така звучи и повикот за молитва на муезинот. Единствениот агресивен, непријатен звук е оној кој го прави овој твит полн со предрасуди во мојата глава дур го читам“, напиша еден од нив.
Група лингвисти за Атлантик се обидоа да го разгледаат настанот од поинаква, јазична перспектива. Излегува дека за говорителите на англиски е вообичаено да ги доживуваат арапските звуци како „агресивни“. Американските професори по англиски кои на своите ученици од арапско потекло им помагаат да се ослободат од акцентот, често ги предупредуваат дека тој (акцентот) може да предизвика тие да звучат „грубо или агресивно“. Уште една придавка која му се припишува на некој јазик е „гутурален“, и таа најчесто се користи за германскиот.
Но вистинскиот одговор сепак го имаат социо-лингвистите, кои проучуваат како ставовите кон туѓите култури влијаат и врз ставот кон јазиците поврзани со нив. Наједноставно кажано, ако имаме предрасуди кон одредена етничка група или култура, истото ќе се рефлектира и врз нашиот однос кон нивниот јазик. Реално, звуци се само звуци, и тие немаат никаква објективна „содржина“ која би можела да се поврзе со одредена емоционална состојба.
Ова сепак не значи дека перцепцијата на звукот е целосно социјално конструирана. Според Морган Зондерегер од Универзитетот МекГил, обично зборови со вокали кои се изговараат со повисоки тонови означуваат помали нешта, додека оние со пониски вокали означуваат поголеми. И ова е така во различни култури. Цитирајќи студија од 2016, тој тврди дека луѓето често асоцираат одредени звуци со одредени значења, но дека истовремено тоа е „само сиров материјал кој може да биде обликуван од културни предрасуди“.
Други лингвисти пак велат дека иако нема ништо инхерентно во звуците кои ги произведува одреден јазик, сепак луѓето сметаат дека одреден странски јазик е атрактивен доколку групата која е поврзана со него е економски или социо-културно престижна (како францускиот со неговата „романтичност“). Истовремено, звуци кои ретко или воопшто не се појавуваат во сопствениот јазик се доживуваат како непријатни или опасни.
Оттаму, збирот негативни идеи во врска со исламот на Докинс се прелева во неговото доживување на изразот. Додуша, после бранот коментари тој повторно твитна, со дообјаснување. „Повикот за молитва може да биде преубав, особено ако муезинот има музикален глас. Поентата ми беше дека Алаху акбар е сè само не убав израз кога ќе се чуе пред да експлодира бомбаш самоубиец. Односно кога исламот е трагично киднапиран од насилство“. Но со ова тој уште еднаш ја потврди лингвистичката поента - нему тоа му звучи агресивно затоа што повикот го асоцира со насилство.
На почетокот на годинава Докинс, како што пишувавме тука, овозможи бепслатно симнување негови книги во исламски земји. А неговиот интерес за арапскиот не е нов. Во 2013 тој на пример твитна вест дека заради тоа што арапскиот збор за „море“ е од машки род, Муслиманското братство издало фатва според која жените кои пливаат во море треба да бидат казнети, и тоа за неверство. Ваквиот чекор тој саркастично го нарече „брилијантен“.
Претходно: Зошто „лошите“ во цртаните зборуваат со странски акцент