Кога социолингвистот Калвин Гидни го гледал „Кралот лав“ пред две децении забележал една важна разлика меѓу Муфаса и Скар. Ликовите генерално немаат многу заедничко: Муфаса е храбар и правичен, Скар е циничен и гладен за моќ. Но она што му фатило уво на Гидни бил начинот на којшто тие зборуваат: Муфаса има американски акцент, додека Скар, лавот на мрачната страна, зборува на британски англиски. Во една од пострашните сцени кога Скар го обвинува Симба дека е „убиец“ (murderer!), одговорен за смртта на Муфаса, последното Р се крева кон небото и експлодира како молња.
Гидни, кој е специјалист за детски развој и социолингвистика на Универзитетот Туфтс во Масачусетс, смета дека акцентот на Скар е само дел од една вознемирувачка шема во филмовите: странски акценти и нестандардни дијалекти (во случајов во англискиот) се користат за сите „лоши“ ликови. Хиените во истиот филм, на пример, зборуваат или африканско-американски англиски, или англиски со шпански акцент. Ова е особено вознемирувачко кога станува збор за конкретниот филм, кој промовира „природен поредок на нештата“.
Заедно со неговата колешка Џули Доброу, Гидни анализирал 30 детски филмови и серии и над 1500 ликови, а проектот е се уште во тек. Во нивната иницијална студија од 1998, тие со тим програмери анализирале 323 анимирани ТВ ликови, користејќи параметри како етничка и родова идентификација, физички изглед, статус на херој или зол лик и лингвистички маркери. Програмерите анализирале случаен избор од 12 филмови и серии, од различни ТВ мрежи и жанрови. Нивните резултати покажале дека голем број детски емисии го користат јазикот за да определат особини на одреден лик. Сите освен две од истражуваните шоуа за таа цел го користеле англискиот со странски акцент, и тоа за злите ликови.
Така, д-р Ханјц Дуфенсшмирц, лошиот од „Финеас и Фрб“ зборува на нешто што личи на германски, а потекнува од фиктивната европска земја Друселштајн. Од друга страна, сите херои (освен двајца) имаат американски акцент. Со оглед на тоа што телевизијата е значаен извор на културолошки пораки за децата, оваа корелација на странски акценти со „лошо“ може да има импликации за начинот на кои тие го разбираат диверзитетот во САД.
И сега доаѓа најинтересното - најпакосниот странски акцент од сите истражувани е британскиот англиски. Од Скар до Џафар во „Аладин“, тоа е најчесто користениот акцент од страна на душманите на доброто. Германските и словенските акценти се исто така вообичаени, а последниве најчесто им се доделуваат на асистенти на главните „лошковци“, кои зборуваат на јазик поврзуван со низок социо-економски статус, вклучително источноевропски работнички акценти или регионални американски во смисла на „италијанско-американски гангстери“ (пример Клод во Captain Planet). Ниту еден од лошите ликови во истражуваниот примерок не зборувал стандаден американски англиски.
За волја на вистината, некои филмови и серии доделуваат странски акценти на комични карактери, но британскиот англиски никогаш не се користи на овој начин. Оние кои зборуваат со британски акцент се портретирани или како симболи на рафинираност и елеганција, или како отелотворување на крајно зло. Смешните ликови од друга страна често зборуваат со германски или словенски акценти (како помошниците на д-р Кло во Inspector Gadget).
Притоа анимираните филмови и серии не се баш прецизни во употребата на акцентите, и прават некој вид мешавина од начинот на кој зборуваат различни етнички групи. Но сепак за гледачот сето тоа звучи генерално не-американски, како разлика помеѓу „нас“ и „нив“ која притоа се восприема како отуѓувачка и опасна.
Дел од ваквото портретирање на „другите“ според Гидни и Доброу се должи на американското непријателство кон Германија, Источна Европа и Русија во текот на Втората светска и Студената војна. И покрај тоа што од тоа време се поминати децении, и што денес владеат некои други политички тензии, трендот на користење на истите акценти продолжува. Иако тоа би се очекувало, блискоисточните и корејските акценти, на пример, не се вообичаени во анимираните филмови како дел од јазичниот профил на лошите.
Ова е толку вградено во начинот на кој се прават анимираните филмови што веќе се смета за „конвенција“ помеѓу креаторите и продуцентите, кои ги користат истите шеми од времето кога тие растеле гледајќи ТВ. За ова да се промени е потребна долгорочна ре-едукација на ниво на овој еснаф. Истото секако важи и кога станува збор за други јазици освен англискиот, меѓу кои и македонскиот, со начинот на кој низ јазикот се гради, пародизира или критикува „другиот“ во филмови и серии.
Извор: Атлантик