Клифтон, Ајдахо има 234 жители. Меѓу нив и семејството Вестовер, населено на падините на Бакс пик, во куќа која е истовремено и скривница - од останатиот свет, но и од можниот крај на Светот на луѓето, за кој Вестоверови постојано се подготвуваат како да ќе се случи утре.
Иако се водат како образувани дома, седумте деца, од кои Тара е најмалото, всушност постојано и напорно физички работат, на отпадот на кој таткото обработува и продава старото железо, или високо качени на куќите кои ги гради нивната семејна тајфа. Од мајката - локална бабица - учат како да подготвуваат домашни лекарства и придружувајќи ја го сведочат чудото на раѓање нов живот. Ова ги прави посамоуверени и телесно силни, но уште пооддалечени од светот на нивните врсници, на кои не им е забрането да одат на лекар кога се болни, да носат здолништа над колена и - да се образуваат.
Инспирирана од двајца од нејзините постари браќа кои во еден момент го напуштаат семејството и заминуваат на колеџ, и таа почнува да ги чита малкуте книги за алгебра и наука кои ги наоѓа во подрумот, а со скудниот надомест кој го добива за помагањето на татка си купува и нови. Семејството прави сè за да и го оневозможи самообразованието, затоа што знае дека знаењето е вовед во нејзиното еманципирање и „тргнување по на патот на Сатаната“.
Особено агресивен, демонски лик сам по себе, е биполарниот татко, чии моменти на гордост заради музичкиот талент на ќерка си кога таа пее во црковниот хор се заменуваат со крајна суровост, параноичност и опседнатост со заговорот кој го плете светот против неговото семејство, а чиј голем дел е образованието на неговите деца во државно контролирани институции.
Со оглед на начинот на кој се рекламира книгата, дека се работи за мемоар на девојка (денес на 32-годишна возраст) која успеала да се издигне над психолошката опресија на нејзините блиски и да стигне до докторат по историја на Кембриџ со стипендија од Бил Гејтс, очекувате многу полигава приказна за американскиот сон и силата на индивидуата наспроти колективот. Дека сè е можно ако само доволно го посакаш тоа, па дури и ако прв пат слушнеш за холокаустот на 20-годишна возраст, за кратко време да го надоместиш пропуштеното, и да ги престигнеш и оние многу попривилегираните.
Но таа е многу повеќе од упатство за самопомош на луѓе малтретирани од родители со психички проблеми. Ова е приказна за тоа колку е тешко - без дури и најобичен извод од матична книга на родени - да изградиш идентитет врз стаклени нозе, на ронки здрав разум и поддршка од луѓе кои не ти се „крв“, па дури не ти се ни пријатели, а притоа да се отуѓиш од сето она што ти е блиско од раѓање, па макар тоа била само „обична“ планина и двор полн отпад. Тара го прикажува своето растење, но паралелно и болниот процес на раскинување со нејзиното претходно „јас“ кое постојано ја враќа назад во длабокото, како котва. На моменти сте восхитени од нејзината храброст, но веднаш потоа сте и лути - зошто побогу таа би се враќала на планината, каде ја чека агресивниот брат, кој не е еднаш и има скршено зглоб и и ја има држено главата во ВЦ шоља затоа што била „курва“? Зошто не побарала помош од институции? Зошто отпрвин никому, дури ни на дечковците, не им кажувала за нејзиното потекло? Одговорот е веројатно едноставен - затоа што тоа не е толку лесно колку што изгледа.
Така, замислената приказна за одлучноста и храброста станува повеќе исповед за тргни-застани одлуки, вина, Стокхолмски синдром, каења и лузни. Што од друга страна е сигурно пореално од некаква „шајни-хепи“ верзија за успехот, која би ги цензурирала мачните моменти во име на комерцијалноста.
Без оглед на бруталноста на нејзината содржина, „Образувана“ помина 32 недели на бестселер листата на Њујорк тајмс, а во август 2018 Барак Обама изјави дека му била на списокот за читање. Речиси е сигурно дека ќе добие некоја од престижните книжевни награди за 2018. Но и да не биде така, едно е сигурно - дека преку неа Тара го има најдено својот глас.
Еве ја тука, како со прекрасен алт пее мормонска химна во телевизиско шоу: