Бредли Купер снима биографски филм за Леонард Бернштајн

Читајќи ја „дебелата“ биографија на Хемфри Бартон за Бернштајн (преведена и на македонски), човек не може а да не се праша зошто до сега никому не му текнало да сними филм за овој бескрајно талентиран и необичен лик. Во меѓувреме сепак му текнало, и тоа на Бредли Купер. 

Нетфликс продуцира прв игран филм посветен на животот и делото на славниот композитор и диригент Леонард Бернштајн. Неодамна излегоа први фотографии од Бредли Купер, кој не само што ќе ја игра главната улога, туку е и режисер на филмот, прв по неговиот „Ѕвездата е родена“.

Сопругата на Бернштајн, Фелициа Монтеалегре ја игра Кери Малиган. Фотографиите го прикажуваат диригентот на различна возраст, со импресивна шминка која прави Купер да е непрепознатлив. Филмот ќе покрие три децении од животот на Бернштајн, пред неговата смрт во 1990 од последици на рак на бели дробови.

Продукцијата започна во мај, а премиерата се очекува во 2023. Првично ваков филм требаше да режира Спилберг, а Купер беше планиран за улогата. Но актерот замолил самиот да го режира, а Спилберг, кој и онака имал куп други обврски, се согласил. Од тогаш имаат поминато четири и пол години, а Купер за сето тоа време постојано го истражувал не само комплицираниот приватен живот на Бернштајн, туку и диригентската професија, со која Купер бил опседнат уште како дете.  

Новиот биографски филм за Бернштајн доаѓа по годината во која се сними нова верзија на неговата „Приказна од западната страна“, мјузиклот кој го компонирал Бернштајн за театарската сцена, премиерно прикажан во 1957, по што станува евергрин. 

Претходно за Бернштајн и неговата серија „Концерти за млади“, види „Може ли сериозната музика да биде смешна?“

1 јуни 2022 - 09:13