Придавката „сериозна“ ѝ и има направено голема штета на класичната музика, претставувајќи ја како високопарна, „здрвена“ и тотално незабавна занимација на мажи во перики, кои (како што велеше Амадеус во истоимениот филм на Форман) изгледаат како да „серат мермер“.
Вистината е дека во делата на некои од нив има толку многу хумор, што тој дури и жанровски може да се дели на различни подкатегории: обичен виц, имитација, пародија, сатира.
Ова е една од темите на предавањата на Леонард Бернштајн од серијата „Концерти за млади“, кои под негово раководство се одржувани во Њујоршката филхармонија од 1958-1972, голем дел пренесувани во живо на американската телевизија. Иако сите на свои начин се интересни, информативни, некои дури и тешки за следење доколку не се познава музичката теорија, она под наслов „Хумор во музиката“ е дефинитивно едно од најзабавните и „очиотварачки“ во однос на тоа што сè може да се изрази преку ноти и нивни комбинации и - особено - како го постигнува ефектот на „смешно“.
Наједноставниот начин е кога музиката имитира звуци, исто како кога комичарите имитираат познати личности. Во класичните дела има имитации на комарци, возови, кокошки, па дури и едно големо кивање, како вo oркестарската суита „Хари Јанош“ на унгарскиот композитор Золтан Кодали од 1926.
Сатирата пак најчесто ја има кога еден композитор го имитира стилот на некој негов колега, но со преувеличување на некои за него карактеристични елементи всушност не му прави чест, туку во најмала рака го „задева“, или целосно исмева. Таква е Класичната симфонија на рускиот композитор Прокофјев, која е имитација на Aвстриецот Хајдн, но со пренагласени ненадејни звуци, паузи и музички изненадувања по кој бил познат овој композитор. И покрај тоа што двајцата ги дел век и пол, не веруваме дека постариот Хајдн би бил навреден од ваквата постапка, со оглед на неговиот здрав смисол за хумор (очигледен во неговата „Збогувачка симфонија“ за која пишувавме тука) .
Сепак еден од најпознатите сатирично-пародични дела, на кое Берштајн во спомнатото предавање се задржува многу кратко, е „Музичкиот виц“ (Ein musikalischer Spass) на Моцарт. Иако композиторот никаде не ја запишал својата намера, големиот број хармонски и ритмички „гафови“ содржани во ова дело се смета дека се всушност исмеавања на делата на некомпетентните композитори (веројатно негови современици, можеби на Салиери?). Истовремено делото содржи еден од најраните познати употреби на политоналноста, што на крајот (тука: 4 минути) резултира со целосен распад на и онака тетеравата структура.
Сепак, има нешто во пристапот на Бернштајн што е многу повеќе од музичко толкување. Сиот хумор, вели тој, подразбира некакво уништување - на нечие достоинство, на идеа, збор или на самата логика. Со други зборови, нема хумор без ризик и малку болка.
Како се постигнува ова во музиката? Па и во неа може да се уништи „логиката“, како и во циркус или во смешни филмови. Најефективниот начин е со пишување и изведување „погрешни“ ноти, но за тие да бидат такви треба да стојат една до друга со „вистинските“, токму за да звучат погрешно. Токму тогаш можеме да зборуваме за хумор, сериозен онолку колку што е таква „сериозната“ музика.
Скратени извадоци од предавањето со примерот на кивањето кај Кодали и цепки имитации на Бернштајн (целото во неколку дела го има на јутјуб):