#СакамКласика

Kога Хајдн сакаше да си оди од Унгарија

Има разни начини човек да се вози на бранот на некоја актуелна тема. Во случајов ќе се обидеме да го искористиме нагло пораснатиот интерес за една земја за да раскажеме приказна не за човек кој влегол во неа на необичен начин, туку за таков кој од таму едвај излегол.

Ова е приказна за еден Никола, принцот Николаус Први (или на унгарски - Миклош) Естерхази (1714-1790). Во историјата е впишан по тоа што имал приходи кои биле и поголеми од оние на австрискиот император, на чиј двор и царски навики се угледувале и унгарските аристократи. Со нив градел палати, трошел куп пари на екстравагантни парчиња облека (сакоа опточени со дијаманти), но имал и голем музички талент - свирел чело и виола да гамба, како и денес по малку заборавениот жичан инструмент баритон.

Особено му бил наклонет на австрискиот композитор Јозеф Хајдн, кому му плаќал во златни дукати за индивидуални композиции. Два пати му ја реновирал куќата кога таа се запалила, а ја променил и одлуката да ја избрише просечната сопранистка Луиџија Ползели од својот платен список кога станало јасно дека таа му станала љубовница на Хајдн.

Но ваквиот вид вработување доаѓало со одредена цена. Во 1766 била изградена нова палата Естерхаза или „унгарскиот Версај“ каде принцот најпрвин ги минувал само летата. Но подоцна почнал да заседнува, дури и по десет месеци, а со него морале да остануваат и музичарите, за да го забавуваат во осамените вечери на село. Едно време чашата на трпението на Хајдн се прелеала, па тој напишал симфонија со симболичен наслов - „Збогувачка“ (Farewell symphony), со уште посимболичен крај.

Официјално, симфонијата носи број 45, а во текот на последниот динамичен став одеднаш се случува неочекувана пауза и почнува адаџо. И не е само ова изненадувањето - по некое време музичарите еден по еден си го завршуваат својот дел, ги гасат свеќите пред нив (или светлата), и ја напуштаат сцената. На крај остануваат само две осамени виолини.

Можеме да го замислиме ликот на принцот Естерхази додека го гледал овој протестен перформанс. Но со оглед на неговиот гест следниот ден очигледно ја сфатил пораката, и правично реагирал на неа. Ги пуштил музичарите да се вратат кај семејствата, а симфонијата останала да се изведува и денес така - со заминување на музичарите од сцената, а на Хајдн од Унгарија најверојатно во Виена.

17 ноември 2018 - 11:51