На 10 мај 1889 во Рим, на десниот брег на Тибар, при копање на темелите за денешната Palazzo di Guistizia се најдени и два саркофази: на еден од нив било напишано името Креперија Трифаена, а внатре биле остатоците од тело на девојка која умрела на 17 години. На коските на нејзината дланка имало прстени, на еден од нив вгравирано името на нејзиниот вереник, Филетус. Покрај неа во саркофагот имало кукла. Рачна работа од второто столетие на нашата ера, единствена, и тогаш и денес: од слонова коска, на расклопување, на зглобови, како да е од ебановина. Денес се чува во Музејот Капитолини под името на покојната на која ѝ припаѓала играчката.
Четири години по ископувањето, италијанско-латинскиот поет Џовани Пасколи, единствен како и таа кукла (според Кардучи, најмладиот син на Вергилиј), објавува песна од 16 сафички строфи под наслов „Креперија Трифаена". Песната е посветена на тогашниот министер за образование, Фердинанд Мартини по повод свадбата на неговата ќерка. Стиховите се и убави и трогателни, а описот на речната билка која израснала од черепот на покојната наместо коса е верен на археолошкиот наод. Пасколи, кој длабоко ја познавал античката култура, а трагизмот на Грците и на Римјаните бил дел од неговото и живеење и пеење, знаел дека Креперија била девица, пред мажење, па затоа напишал дека „куклата залудно ѝ била ветена на Венера". Затоа што римските девојчиња пред мажење своите кукли ѝ ги заветувале на Венера, во знак на напуштање и на сопствената virginitas и на другите обичаи врзани со vita anteacta.
Таа кукла од слонова коска направи во Италија да се засили интересот за куклите. Десет години по откопувањето на саркофагот крај Тибар, во Неапол, во втората улица која локалците ја нарекуваат Спаканаполи, која од древни времиња го дели градот на два дела, во централниот, оној кој се вика Виа Сан Бијаџо деи Либраи, на бројот 81, еден сценограф и реставратор на театарот Сан Карло, по име Луиџи Граси, одлучува да ја отвори тогаш, а и сега, првата и единствена болница за кукли во Италија. Ospedale delle Bambole, и денес стои на таблата на ѕидот. На триесетина метри од таму, во истата улица, на бројот 46, се наоѓа вториот дел од таа клиника, најпрвин наречен Амбулаторио, а потоа Бамболаторио (кованица од бамбола, лабораторио и амбулаторио), каде се наоѓа хирургијата и банката на органи. Обата дела ги води директорка, докторка за кукли, Тицијана Граси, првата жена по тројца мажи. Со неа се уште докторките Алесандра и Марија Росарија, оваа последната е мајка на Тицијана. Оној Луиџи сценографот е прадедо на Тицијана по татко, неговиот син наследник се викал Микеле, А синот на Микеле добил име по дедо му Луиџи, и тој е таткото на Тицијана. Секој од нив бил доктор за кукли, и својата вештина му ја пренесувал на наследникот.
Болницата има три главни одделенија: за кукли 'во потесна смисла' (од порцелан, дрво, картон, пластика, каучук, гипс), за плишани животни и за скулптури и фигури на светци и светици. Смислата на болничката дејност е во оздравувањето на куклите, скулптурите и плишаните ликови. За докторката Граси сите фигури се пациенти, а за сопствениците се, вели, суштества со душа. Два пати сум бил во просториите на болницата и бамболаторијата: пациентите лежат во кревети, седат на прозорци, на столици, на подот. Банката на органи е добро опремена: многу нозе и раце, куп очи во сите бои, коса во прамени, руса, светло-кафена, зеленкаста, како кај нимфите. Принципот е: секоја кукла, секој светец и светица, секое животно мора да бидат отпуштени здрави и во чиста облека. Докторката Граси вели дека оздравувањето на болните во нејзината клиника е закон. И дека е стопроцентно. Ова е единствената болница без мртовечница, ја повторува максимата на нејзиниот прадедо. Нејзиниот татко Луиџи, доктор и хирург кој на голем број деца им ги спасил куклите, бил човек со фантазија, и целиот живот го усовршувал занаетот. Освен хируршките интервенции и пресадувањата, поставувал и дијагнози на душевни болести на куклите. Некои од нив, кога еднаш ќе се прочитаат, стануваат незаборавни. Машка кукла, во педесетите години, симптоми: солзи на очи, дијагноза: болест на тажна кукла, прогноза: уште нејасна. Или ова: кукла, од крајот на 19. век, глава од порцелан, дијагноза: губење коса, во очекување на пресадување, забелешка: пациентката е уште неодлучна во погледот на бојата на коса.
Од дрвените пациенти најчест е Пинокио. Причината за неговото стационирање по правило е фрактура на славниот нос. Во коренот, по средината, на врвот. Носот се крши и попречно и по должина. Понекогаш парчето може добро и без траги повторно да се залепи и да се офарба. Во банката на органи носеви има од секаква големина, а некое дете знае да побара боја на нос и различна од онаа која му ја дал дрводелецот. Втора по ред повреда на Пинокио се стапалата, често ги крши, а потоа зглобовите, колената и рамениците. И славната кукла Пулчинела тука добива нова маска, и темна и светла.
Меѓу светците и светиците најчеста е фигурата на Богородица, потоа Исусовата, па онаа на заштитникот на градот по име Сан Џенаро. Нив сопствениците ги носат во болница најчесто заради скршеници, но и заради ветвоста на облеката, капата и ореолите. Светците паѓаат од шифоњери, од маси и постаменти. Нивното лечење е најскапо затоа што тие се од поскап материјал од куклите, некои од сребро, некои позлатени. Засега, вели докторката Граси, ни во Италија ниту вон неа нема осигурување кое би ги преземало трошоците на лечење на домашните скулптури во случај на несреќа.
Од светците единствен кој никогаш не е донесен ниту во болницата ниту во бамблаториумот е оној со чијашто слава во Неапол не може да се мери ниту еден: Диего Армандо Марадона. Околу него се развило нешто ново во споредба со сите светци: тој не е ни скулптура, ни фигура, ни кукла, Диего е неискажлив, телесно неповредлив и непотрошлив, нему денес луѓето му шепотат и му се молат по куќите, исто како што му се пеело на плоштадите и на стадионот кој го носи името на св. Павле: Te Diegum! Кога Неапол под заштита на свети Диего за прв пат го освои италијанското првенство, на ѕидот на големите градски гробишта живите обожаватели им напишале порака на закопаните: „Не знаете што сте пропуштиле".
За плишаните пациенти е задолжена ветеринарната служба на болницата. Мечето Теди често мора да се шие, но уште почесто се бања, исто како и Снупи. Во еден кревет заедно се Симба, Муфаса и Скар. На болните кукли на посета им доаѓаат писатели, пејачи, режисери, Виторио де Сика, Лучијано де Крешченцо, Ренцо Арборе, Дарио Арџенто. Меѓу чудесните приказни за потеклото и носење на болни кукли од светот во Неапол, докторката Тицијана издвојува една која ѝ ја раскажал татко ѝ, од деведесетите. Во болницата стигнале две кукли од Југославија, настрадани во некој воен настан. Оштетени и подгорени, а на обете народна, вели, балканска носија. Татко ѝ двете ги излечил, им сошил иста облека како онаа што ја имале и ја вратил на оној којшто му ги пратил.
Луиџи Граси јуниор умрел во април 2012, по долго боледување од Алцхајмер. Неговата ќерка не ја прашав, немаше момент за тоа, дали некој од докторите му предложил на докторот за кукли терапија со кукла. Велат дека таа помага кај лечење деменција и сродни болести. Би било интересно да се знае дали терапија со кукла би му помогнала на човек кој лечејќи толку многу кукли ги усреќувал децата и возрасните по Неапол и по цела Италија, а и вон земјата.
За неаполската Ospedale delle Bambole, па и за онаа сличната во Лисабон, Hospital de Bonecas, не вреди дури ни волшебниот катрен на Португалецот по име Фернандо Песоа:
Животот е една болница
каде едвај и да има нешто.
Затоа никој не се лечи,
па смртта е отпусна листа.
Автор: Синан Гуџевиќ („Новости“)