#СакамКласика

Берлиоз на опиум: психоделијата на „Фантастичната симфонија“

Утре, 27.09, се отвара новата сезона на Македонската филхармонија. На програмата - Концертот број 2 за пијано и оркестар на Прокофјев и Фантастичната симфонија опус 14 на Берлиоз. Второво дело Бернштајн го има наречено прв музички `трип`. И тоа не е метафора.

„Фантастична симфонија: епизода од животот на еден уметник во пет дела“ на францускиот композитор Хектор Берлиоз од 1830, се смета за рано дело на романтизмот. Но зад овој формален опис се крие многу поинтересна приказна.

Композиторот на 11 септември 1827 присуствувал на изведба на Хамлет, и на прв поглед се заљубил во ирската актерка Хериет Смитсон (на сликата долу), која ја играла улогата на Офелија. Почнал да ѝ испраќа љубовни писма, но таа го игнорирала. Набргу го напуштила Париз, а Берлиоз ја напишал „Фантастичната симфонија“ од болка поради невозвратената љубов.

Иако не била присутна на премиерата во 1830, таа го слушнала делото во 1832, и очигледно била трогната, штом потоа се согласила не само да се сретнат со Хектор, туку и да му стане сопруга. За жал, нивниот брак не бил толку романтичен колку замислата за него. По неколку години тие се разделиле. Но симфонијата останала.

„Авторот замислува млад музичар (*самиот Берлиоз тогаш имал 27), морбидно чувствителен по природа и со трескавична имагинација, кој се труе со опиум при напад на љубовен очај. Дозата, премала за да предизвика смрт, го турка во длабок сон, при што неговите чувства и спомени се преведени во музика“. Берлиоз вака си го опишал сопственото дело во придружното програмче на првата изведба.

„Не звучи многу различно од денешните музичари“, шармантно коментира Бернштајн во толкувањето на симфонијата, на снимка прикажана на американската телевизија во 1969, како дел од серија изведби на Њујоршката филхармонија, насловени како „Концерти за млади“ (и притоа звучи прилично необично колку отворено им зборува на тогашните млади за дроги, ама тоа се шеесетите...)

Специјално дизајнирани како мешавина на слушање музика и предавања, тие започнале уште во далечната 1924 под раководство на Ернест Шелинг, диригент и уметнички директор. Но кога во 1958 Бернштајн почнал да диригира со Њујоршката филхармонија, и се зафатил со проектот, тој доживеал дотогаш невидена популарност. Концертите за млади биле првите концерти воопшто пренесувани на телевизија од Линколн центарот. Бернштајн одржал 53 вакви „концертопредавања“, кои инспирирале, и се уште инспирираат генерации професионални музичари и љубители на музиката (за среќа сите се достапни на ДВД - додуша за 99$, или во делови на јутјуб).

Еден од концертите е насловен токму „Берлиоз на дроги“ (или Берлиоз `трипа`) и претставува прекрасна анализа на она што се случува во Фантастичната симфонија. Невозвратена љубов, напади на љубомора, хормони, опседнатост со саканата, персонифицирана во музичка фраза која прогонува. Талентот на Бернштајн за раскажување приказни е бесценет, дикцијата беспрекорна а самоувереноста поголема од „обична“ диригентска (толку е добар што му го простуваме тоа сивото елече - можеби тој ден просто студело во Линколн Центарот). Нуспојава на неговата убедливост е што потоа неговите толкувања на делата ви изгледаат единствено исправни. Но во случајов со „Фантастичната“ не ни можеме да замислиме варијанта во која неа ја напишал трезвен и студен ум, ненавлечен на опиумот на сопствената страст.

Освен утрешната изведба на отварањето на новата сезона на Македонската филхармонија под диригентската палка на Јерухам Шаровски, „Фантастичната симфонија“ на Берлиоз ќе биде изведена и на отворањето на 27-иот Интерфест во Битола, на 2 октомври, под диригентство на Борјан Цанев.

Погледнете го првиот дел од предавањето на Бернштајн, и дојдете утре на концертот, на музички опиум

Претходно под #СакамКласика